Евроамбасадорот денеска присуствуваше и имаше обраќање на конференција во прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје, каде што рече дека токму овој настан ја покажува посветеноста на двете земји во зајакнувањето на билатералните врски и промовирањето на регионалниот развој, економскиот раст и културната размена
Инаку, настанот и пораката што ја испрати евроамбасадорот Рокас доаѓаат во период кога реториката на релација Софија – Скопје повторно доби на острина, а повод е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со (не)внесувањето на Бугарите во македонскиот устав
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, смета дека соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија сега е поважна од кога било претходно.

Евроамбасадорот, како што пренесе МИА, денеска ја испрати оваа порака како учесник на конференцијата што се одржа во прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје, а на која се разговараше за проектот на БТА насловен „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“, поддржан од Европската комисија.
Рокас имаше и свое обраќање, во кое посочи дека токму овој настан ја покажува посветеноста на двете земји во зајакнувањето на нивните билатерални врски и промовирањето на регионалниот развој, економскиот раст и културната размена.
Оваа соработка, како што рече тој, е демонстрација на трајното партнерство кое постои меѓу двете нации и нивната заедничка визија за стабилна, просперитетна и европска иднина.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, евроамбасадорот напомена дека процесот не е само добивање членство во Европската Унија, туку се работи за обезбедување стабилност, мир и заеднички просперитет за сите.
„Европската Унија има развиено рамка за билатерална соработка со пет соседи на Северна Македонија – Албанија, Косово, Грција, Бугарија и Србија. Овие партнерства се засноваат на заемно почитување, заеднички цели и посветеност на изнаоѓање заеднички јазик во справувањето со предизвиците. Постојат длабоки корени во соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија. Таа започна уште пред нејзината официјална институционализација, со помош на прекугранични програми финансирани од Европската Унија. Во последниве години постојат повеќе проекти кои дадоа значителни резултати. До денес се одобрени вкупно 184 проекти. Од нив, 178 се целосно завршени, додека шест проекти се во фаза на реализација“,
рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава.
Инаку, на конференцијата свои обраќање имаа генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА), Кирил Валчев, генералниот директор на Медиумската информативна агенција (МИА), Драган Антоновски; амбасадорот на Бугарија во земјава, Желјазко Радуков; заменик-ректорот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска; ректорот на Универзитетот за национална и светска економија (УНСС), проф. д-р Димитар Димитров; Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи и Марија Димишковска од „Едуцентар“.
Инаку, настанот и пораката што ја испрати евроамбасадорот Рокас доаѓаат во период кога реториката на релација Софија – Скопје повторно доби на острина. Повод е изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој вчера одговарајќи на пратеничко прашање од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница рече дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде што има околу 700-800 Бугари, кои се декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Уставот, додека Албанија со осум илјади Бугари, според бројките од пописот, го нема тој услов.
На изјавата на Мицкоски, вчера преку соопштение реагираше Министерството за надворешни работи на Бугарија, од каде што нагласуваат дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Дополнително, од бугарското МНР ги повикаа властите во Скопје да се воздржат од реторика која, како што велат, поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата.
Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ, партијата која има најмногу места во бугарскиот парламент и е стожерот на новата политичка влада во Софија, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски, рече дека станува збор за апсолутна провокација, на која, како што додаде, едноставно не треба да ѝ се обрнува внимание.
За разлика од кусиот коментар на Борисов, изјавата на македонскиот премиер преку објава на Фејсбук жестоко ја нападна лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, кој е дел од владејачкото мнозинство во Бугарија.
Според него, и покрај сите компромиси што ги направиле сите бугарски влади кон Македонија досега, Бугарија не добила ниту грам благодарност и почит, туку само омраза и себезалажување.