На прашањето да го коментира случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, евроамбасадорот Рокас рече дека во принцип ЕУ не се меша во правосудните одлуки. Но, додаде дека будно се следат измените во Кривичниот законик и најавата на новите 30-ина закони што потоа ќе се мониторираат

Евроамбасадорот Михалис Рокас вели дека процесот на пристапување во Европската Унија е дефиниран во договорите на ЕУ и оти тие не предвидуваат членство на нови земји без право на глас или вето.
Изјавата на Рокас доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско интервју рече дека е можно Западен Балкан и Украина да влезат во Европската Унија како некаква комбинација, но без право на глас. Мицкоски рече дека во Брисел сè погласно се слуша идејата која го опфаќа мировниот план за Украина во кој, нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што рече, е вклучена и Македонија.
Според Рокас, за секоја промена треба да се согласат сите членки на ЕУ.
„Процесот на пристапување во ЕУ е дефиниран во договорите на Европската Унија. Всушност, не постои такво нешто кое би предвидувало во тие договори дека ќе може да предвиди за секоја успешна земја што ќе ги исполни условите за членството во ЕУ да го нема, на пример, правото на глас или, пак, да го нема правото на вето. Ако такво нешто се промени се разбира дека тоа тогаш би предвидувало промена на постојните договори на ЕУ, која, од друга страна, за да се променат тие договори, тоа би значело едногласност од сите членки на Унијата“,
рече Рокас при неговата денешна посета на Прилеп.
Тој вели дека во моментот постои политичка дебата во ЕУ во сите области.
„За овој момент договорите на ЕУ се такви какви што се и остануваат. Сега голем и врвен приоритет за вашата земја е да продолжи со имплементација на реформите“,
рече Рокас одговарајќи на новинарското прашање околу можноста да се остварат изјавите на премиерот Мицкоски.
На прашањето да го коментира случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, евроамбасадорот Рокас рече дека во принцип ЕУ не се меша во правосудните одлуки. Но, додаде дека будно се следат измените во Кривичниот законик и најавата на новите 30-ина закони што потоа ќе се мониторираат.
„Европската Унија никогаш не ги коментира ваквите случаи, кои се поврзани со имплементација на самото законодавство. Но, нашиот став секогаш е дека сите треба да бидат еднакви пред законот, пред правото. Владеењето на правото треба да се спроведува еднакво и не треба да има никаква политизација или вмешување во спроведување на правото ниту во поединечни ниту во сите случаи“,
додаде евроамбасадорот.
Што се однесува до владеењето на правото и борбата против корупцијата, тој вели дека веќе може да се види дека тековно се спроведуваат многу активности.
„Имаме информации дека Министерството за правда во моментот работи на изготвување 30-ина закони и, се разбира, се надеваме дека клучните прашања, поврзани со Кривичниот законик ќе може набргу да бидат спроведени со цел да може да се подобри и борбата против корупцијата“,
кажа Рокас.
Евроамбасадорот додаде дека се во исчекување на сеопфатен и добар Кривичен законик и вели дека е охрабрен од забрзаната работа што се прави за да се изготват овие закони.
„Ќе видиме како се одвива сето тоа и, се разбира, ќе го мониторираме спроведувањето на законите“,
рече Рокас.
