Доколку не се договориме, ставот на вработените е да се спроведе генерален штрајк. Тоа е нешто што за жал ако дојде ќе биде не по наша вина бидејќи сите наши аргументи, мислења и докази не се земени предвид

Доколку до 27 јуни вработените во Управата за јавни приходи не го добијат бараното покачување на платите за 30 отсто, ќе следува генерален штрајк, што ќе значи дека сите исплати во државата ќе бидат блокирани.
„Постапките за организација на генералниот штрајк се во тек, понудено е помирување преку Министерството за труд и социјална политика согласно регулатива и предложен помирувач, а претходно е известен работодавачот“,
вели Васе Недановски од синдикатот на УЈП додавајќи дека рокот за помирување зависи од Министерството.
Од синдикатот на УЈП велат дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк тоа нема да биде по нивна вина.
„Доколку не се договориме, ставот на вработените е да се спроведе генерален штрајк. Тоа е нешто што за жал ако дојде ќе биде не по наша вина бидејќи сите наши аргументи, мислења и докази не се земени предвид. Ние не сакаме да дојдеме до резултат врз основа на нешто што ќе се случи и ќе предизвика поголеми последици. УЈП е една стожерна институција, ќе се наруши исплата на плати, пензии и други исплати, ќе се блокира бизнис-секторот, повратот на данок, вадењето уверенија и други потребни документи. Тоа е момент што ние не го посакуваме, меѓутоа вработените се револтирани. Очигледно е дека не се сака да се седне“,
додава Недановски.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место.
Вработените од УЈП пред два дена одржаа протест пред Министерството за финансии, од каде што побараа потпишување на колективниот договор за покачување на платите за 30 отсто.
Тие тврдат дека претходно со Министерството бил постигнат договор во кој тие направиле отстапки на определени права, но од непознати причини тој сè уште не е потпишан од министерот Бесими.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека работниците и претставниците на синдикатот имаат право да ја искажат својата загриженост, а раководствата на УЈП и на Царина треба да разговараат со нив, како и со министерот за финансии, за да изнајдат долгорочно решение кое ќе даде резултат што ќе биде од интерес на двете страни.