Венецуелската невладина организација „Форо Пенал“ која им пружа правна помош на притворените лица соопшти дека од почетокот на годината приведени се најмалку 800 политички затвореници
Претседателот на парламентот на Венецуела Хорхе Родригес, изјави дека повеќе од 400 лица се ослободени од затвор, но организациите за заштита на човековите права тврдат дека нивниот број е многу помал, односно од 60 до 70.

Затворската управа на Венецуела пред два дена соопшти дека од затвор се ослободени 116 лица.
Венецуелската невладина организација „Форо Пенал“ која пружа правна помош на притворените лица соопшти дека од почетокот на годината се приведени најмалку 800 политички затвореници.
Владата на Венецуела тврди дека приведените не се политички затвореници, туку лица обвинети за легитимни кривични дела.
Венецуелските власти минатата недела почнаа со ослободување притворени лица кои од страна на групите за човекови права беа означени како политички затвореници.
Гестот на Каракас доаѓа откако Соединетите Американски Држави во акција извршена на 3 јануари го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, по која тој беше однесен во САД и изведен пред суд во Њујорк под обвиненија за трговија со дрога.
Во врска со ослободувањето на политичките затвореници се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во објава на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) напиша дека тоа било долгогодишно барање на САД и го оцени гестот на властите во Каракас како многу важен и паметен.
