Роднини на почината пациентка со ковид-19 денеска во Градската општа болница „8 Септември“ се заканувале кон лекарка, а оние кои ги упатувале заканите се приведени.
„Станува збор за закани кон лекарка, лицата се обезбедени, Единицата за насилен криминал работи во моментов на случајот“, велат од МВР.
Според информациите од болницата, пациентката која починала била на возраст од околу 60 години, била примена во тешка состојба пред околу една недела, а пред 4-5 дена била поставена и на респиратор.
Група од 10-ина роднини денеска биле во болницата, сакале да го земат телото и да го однесат на обдукција, а здравствените работници им ги објасниле протоколите во кои доколку семејството бара обдукција, тогаш за да се спречи зараза, телото до патологија го пренесува погребно претпријатие. Кога тие почнале да негодуваат и да се закануваат, обезбедувањето повикало полиција.
Ниту од МВР ниту од раководството на болницата не можат да потврдат дали некој од роднините бил вооружен, по објавите во дел од медиумите дека се упатувале закани со оружје.