„Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане затскриена“, изјави една од мајките на загинатите во „Пулс“
Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на денешното судско рочиште изнесоа сознанија дека еден од обвинетите за „Пулс“, кој е во притвор во затворот „Скопје“, по телефон вршел притисок врз сведоците на Обвинителството и побараа тие да се проверат, пренесе МИА.

На рочиштето во судницата во Идризово беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци кои биле гости во дискотеката кога избувнал пожарот.
Противпожарниот тим, како што посочија, дојавата за пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани ја примил во 2:35 часот, а пожарот бил изгаснат околу 4 часот.
Трет сведок беше Сара Велинова, која кобната вечер била во „Пулс“ со друштво. Таа таму влегла во 1:50 часот. На влезот купила карта, без да ѝ биде издадена фискална, а внатре влегла без да ѝ биде побарана лична карта од обезбедувањето.
„Бев излезена надвор на цигара, кога се вратив бев до тоалет, но имаше гужва и се вратив на маса. Тогаш дојде едно лице, ни рече да излеземе надвор зашто се запалил плафонот и дека за кратко ќе се вратиме назад. Кога ни кажаа, јас погледнав и плафонот веќе беше запален до средина. Тргнавме кон излезот, но се направи гужва и веќе пред вратата настана стампедо. Јас паднав долу и повеќе не се сеќавам. Кога се освестив, веќе бев надвор на паркинг и забележав полиција и пожарна како помагаат“,
изјави таа.
Се стекнала со повреди на грбот, колкот и ногата, а следниот ден, кога станала, имала модра уста и јазик и отежнато дишење, по што се упатила на лекување во Скопје. Најави отштетно побарување и се приклучи на кривичниот прогон.
Одбраната реагираше дека овој сведок презентира изјава со невообичаено добра меморија и во исказот се совпаѓа со претходните сведоци.
„Не може сите да се сеќаваат на спуштен плафон, над 500 гости, стампедо и други исти околности“,
посочија од одбраната.
Одбраната, како што посочи адвокатката на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, има сознанија дека секој сведок пред сослушување се повикува во Обвинителството и му се предочува записникот да го зборува истото, а единствениот сведок што зборувал отворено, јавно го линчуваа.
На прашање од одбраната, дали во Обвинителството кажала дека во дискотеката чула „силна експлозија и густ чад“, сведокот одговори потврдно.
„Само слушнав, не осетив од каде доаѓа. Почувствував црн густ чад и дури мислам дека од тоа се онесвестив после“,
изјави сведокот.
Последен денеска сведочеше Бранислав Веселинов, кој на критичната вечер бил во т.н. кабаре заедно со друштво. Рече дека таму пристигнал околу 1 часот, купил карта и влегол во објектот.
„Имавме резервирано маса, трета на самиот влез право. Групата ДНК започна околу 1:30 часот. Кога започна пожарот околу 2:30, јас бев свртен со грб. Слушнав како еден од ДНК кажа да излегуваме надвор, ќе се вратиме. Јас го земав палтото и се упатив кон влезот. Тогаш видов дека има пожар и црн чад. Настана стампедо од сите страни почнаа да доаѓаат кај вратата сите паднавме. Тука се заглавивме, јас паднав. Врз мене паѓаа и други лица. Потоа во еден момент ми се ослободи ногата, ми подаде река едно дете што ми беше потоа цимер во болница и станав. Излегов и застанав долу. Почнав да се тресам и слабо гледав од чадот и седнав подолу. Имав изгореници на левата рака, на прстите, челото, ушите и носот. Од тука ме зема една жена со кола, во која имаше уште еден повреден и не однесе во болницата во Кочани. Таму ми ставија инјекција, не однесоа во болница во Штип и утредента не однесоа во Скопје на Клиника“,
изјави Веселинов.
Сведокот најави отштетно побарување и дека се приклучува на кривичен прогон.

Пред почетокот на денешното рочиште, родителите во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија дека еден од обвинетите, кој се наоѓа на одржување мерка притвор во затворот во Скопје, му дава на користење телефон на лицето Тодор Јованов, инаку брат на Дејан Јованов-Деко, кој преку вибер-комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството.
„Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овој пат вистината да остане затскриена“,
изјави една од мајките на загинатите во „Пулс“.
Адвокатот Еленко Миланов на паузата на денешното рочиште, во изјава за медиумите, повторно реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе по она што се случува со правната квалификација којашто е применета за дел од полициските службеници за кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја запре постапката во одделниот предмет што го води ова Обвинителство.
„Основното јавно обвинителство Кочани, треба да се обрати и да побара мислење за понатамошното постапување во врска со ваквата поставеност на нивниот обвинителен акт. Без оглед на тоа постои можност и ќе се обратиме до Републичкото јавно обвинителство“,
изјави Миланов.
Адвокатката на обвинетиот сопственик на објектот, Гроздан Милковски, реагираше дека тој тешко го следи судењето и треба да му биде укажана медицинска помош.
„Уште од утрината се жали и не може да го следи судењето“,
изјави адвокатката Лидија Ристовска.
Судот даде кратка пауза, по што беше сослушан уште еден сведок и денешното рочиште беше прекинато, а последниот сведок беше префрлен за следното рочиште кое е закажано за 19 февруари, за кога се повикани и пет нови сведоци.
