По давањето исказ во Обвинителството, некои од родителите во изјава за МИА кратко информирале дека во исказот навеле како дознале за трагичниот настан, дали располагаат со дополнителни информации за случајот, а им било укажано дека за евентуални отштетни побарувања ќе треба да поведат посебна граѓанска постапка

Родителите на лицата што починаа во трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани од претпладнево, по претходно направен временски распоред за што биле известени од полицијата, почнаа да даваат поединечни искази за случајот во Основното јавно обвинителство – Кочани.
Како што најавија на протестниот марш во саботата, тие не сакаат јавно да зборуваат за правната постапка додека не заврши истрагата.
„Право за исказ имаат законските застапници на секој од починатите. Тие, доколку сакаат, можат во исказот да посочат и други блиски лица за кои сметаат дека имаат сознанија за настанот. Распоред за давањето искази нема да се објавува, а се работи за законско право на оштетените како странки во постапката“,
информираа од Јавното обвинителство во Кочани.
По давањето исказ во Обвинителството, некои од родителите во изјава за МИА кратко информирале дека во исказот навеле како дознале за трагичниот настан, дали располагаат со дополнителни информации за случајот, а им било укажано дека за евентуални отштетни побарувања ќе треба да поведат посебна граѓанска постапка.
Прибирањето искази од блиските на починатите во „Пулс“ ќе трае до четврток.
