Зборувајќи во името на родителите на настраданите, Наунов нагласи дека слушнале информации за привилегии што не смеат да постојат

Родителите на загинатите во пожарот од 16 март лани во т.н. кабаре „Пулс“ денеска на протестниот „Марш за ангелите“ реагираа на забавената динамика на закажување рочишта во судскиот процес.
Пред почетокот на судењето велат дека добиле јасно и гласно ветување од судиите и обвинителите дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има одложувања со неоправдана причина, дека строго ќе се контролираат лекарските оправдувања, нивната цел, точноста и дали навистина соодвестуваат со фактичката и здравствената состојба на обвинетиот.
„Денес прашуваме: каде се тие ветувања? Гледаме одложувања, гледаме оправдувања. Во месец јануари се одржа само едно рочиште. Во февруари досега се одржаа две, а до крајот на месецот е закажано уште едно – ако воопшто се одржи. И токму затоа прашуваме: каде е ветената динамика? Каде е најавеното темпо од две рочишта неделно? Гледаме обвинети кои одеднаш, од здрави, стануваат ‘болни’ и доставуваат медицинска документација за која ние не знаеме дали е основана или не“,
рече пред Основниот суд во Кочани, Александар Наунов, татко на починатата Надица.
Тоа, како што додаде, кај семејствата буди сомнеж дека ваквите дејствија се во насока на одолговлекување на постапката.
Зборувајќи во името на родителите на настраданите, Наунов нагласи дека слушнале информации за привилегии што не смеат да постојат. Според него, на првоосомничениот му бил пронајден телефон во ќелијата и сè се завршило со опомена.
„Се поставува прашањето: дали навистина се врши редовна контрола во притворот? Што се случува со телефоните на првоосомничениот? Дали се обработени до крај и дали од нив е извлечена целата можна достапна комуникација? И уште поважно – дали е прифатливо лице осомничено во ваква трагедија да помине само со опомена, или требаше директно да следи казна со краток престој во самица? Тоа не враќа доверба. Тоа отвора сомнежи. Бараме одговор и тоа веднаш“,
побара таткото на загинатото девојче.
Дополнително, Наунов посочи дека на суд било забележано сведочење кое се разликува од изјавата дадена пред Обвинителството.
„Видовме сведок што даде изјава различна од таа пред Обвинителството. Прашуваме како се постапува со луѓето кои лажно сведочат?. Обвинителствот утврди дека изјавата дадена пред нив е сосема разлина од онаа дадена на суд. Дали ова е проверено, докуентирано и процесуирано. Јавноста има право да знае, или ова ќе помине незабележливо“,
рече Наунов.
Наунов упати порака и до оние што, како што рече, тврдат дека случајот „Пулс“ бил „климаво поставен“ и ќе паднел.
„По тие скали не лежи предмет, не лежи бројка, не лежи статистика. По тие скали лежат 63 млади живот, 63 недоискажани соништа, 63 светови што згаснаа за миг, 63 семејства што никогаш повеќе нема да бидат цели. Тоа не се имиња на лист хартија. Тоа се свети имиња – вредни за почит, за достоинство, за вистината. Ниту еден збор изговорен предвреме, ниту една процена, ниту една пресметка за климавост не смее да застане на нивната тежина“,
рече Наунов.
Тој додаде дека трпението на родителите е при крај, но дека нема да ја запрат борбата за правда.
„Ако ветивте динамика – покажете ја. Ако ветивте контрола – спроведете ја. Ако ветивте правда – испорачајте ја. Ќе следиме. Ќе прашуваме. Ќе зборуваме. Правдата за ‘Пулс’ мора да се случи. Без одлагање. Без изговори. Без компромиси“,
додаде Наунов на крајот од обраќањето од пред кочанскиот Основен суд.
Следното рочиште, според дадените термини од судот, е закажано на 25 февруари, кога треба да дадат искази петмина сведоци.
Претходно, поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите, Основниот кривичен суд Скопје го отповика рочиштето на кое на 19 февруари требаше да продолжи судскиот процес за пожарот во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
