Барањето доаѓа по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинител Љупчо Коцевски, а за што на саботниот „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите

Семејствата на жртвите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска доставија писмен допис до Основното јавно обвинителство во Кочани, со кој бараат непосредна средба со обвинителите.
Барањето доаѓа по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата што го даде јавниот обвинител Љупчо Коцевски, а за што на саботниот „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите.
„Како што веќе најавивме во саботата, денеска доставивме писмено барање за средба со обвинителите за подетално да ни ја образложат истражната постапка и обвинението. Претходно ја добивме информацијата дека од Обвинителството се подготвени да се сретнат со нас и откако меѓусебно ќе се договориме ќе доставиме известување за можниот термин на средбата“,
истакна Марија Петрушева, мајка чиј син е настрадан во „Пулс“.
Во саботата, од деветтиот по ред „Марш за ангелите“ во Кочани, родителите порачаа дека очекуваат транспаретност и директна комуникација со надлежните институции бидејќи, како што рекоа, ништо не разбрале од презентацијата на обвинителниот акт од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој го даде во петокот.
За барањето на родителите од петокот, вчера од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија рекоа дека е подготвено да организира средба со родителите на жртвите од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
„Јавното обвинителство стои на располагање и доколку семејствата имаат такво барање во следните денови ќе организира средба на која ќе ги информира за сите аспекти од поднесеното обвинение без да ја нaруши натамошната постапка. Воедно, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во обвинителството добија и директен контакт и им беше посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката“,
велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.