Сметките за струја во градинките, според министерката, не се големи затоа што тие плаќаат како домаќинствата, а не индустриска струја
Родителите да се плашат бидејќи греење во градинките ќе има, порача денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Не треба да се плашат ниту родителите кои ги сместуваат дечињата во градинки, особено во Скопје ниту, пак, општините, дека може да се доведе во случај да нема парно во градинките. Парно ќе има и за граѓаните и за градинките затоа што Владата е одговорна и се грижи за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза и кризата со парно. Да нема страв, ќе имаме греење и во градинките и во домовите“,
рече министерката.
Според неа, во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) досега немаат реакции дека градинките плаќаат големи сметки за струја. Тие, вели таа, плаќаат струја како домаќинствата, а не индустриска. Покрај тоа, наведува министерката, голем дел, особено тие што се изградени од 2019 наваму, се енергетски ефикасни и имаат голема заштеда на електрична енергија.
Тренчевска во изјавата за медиумите потсети дека МТСП покрива плати и дел од трошоците во градинките преку блок дотации, но и оти тие имаат и сопствени приливи.
„МТСП е одговорно преку блок дотации за покривање на платите на сите вработени во детските градинки, како и за градење, реновирање на детските градинки на ниво на цела држава. Покрај блок дотациите за платите префрламе средства и за материјални трошоци. Меѓутоа, градинките си имаат и сопствени средства, доплатата на родителите за сместување на децата во градинките. Така што одговорноста за плаќањата на комуналии, вклучително и на сметките за електрична енергија е обврска на основачот на градинката, а тоа е општината“,
рече министерката.