Стоун е осуден за лажно сведочење пред Конгресот за поврзаноста на Русија со кампањата на Трамп. Трамп навести дека е можно да го помилува
Роџер Стоун, долгогодишен советник и соработник на претседателот Доналд Трамп, е осуден на 40 месеци затвор.
Стоун (67) беше прогласен за виновен во ноември по седум точки од обвинението за лажно сведочење пред Конгресот, опструкција и влијание врз сведоци.

Тој е шестиот помошник на Трамп осуден во кривично дело врз основа истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер за соработка со Русија и влијание врз кампањата на Трамп за време на изборите во 2016 година.
Мулер лани во мај поднесе оставка.
Според судот Стоун во пет наврати лажел под заклетва за неговите контакти со претставници на кампањата на Трамп, како и за наводното посредништво со Викиликс на почетокот на август 2016.
Исто така судот смета дека Стоун лажел за постоење на конкретни пораки и мејлови.
Стоун изјави дека случајот е политички мотивиран.
Образложувајќи ја пресудата, судијката Ејми Берман Џексон изјави дека Стоун е вмешан во „неприфатливо“ однесување на закани и заплашувања кон неа.
Судијката Џексон рече дека Стоун „точно знаел што прави“ кога минатата година на социјалните мрежи објавил фотографија на која вперува оружје кон неа, коментирајќи го процесот како „шоу“.
Освен 40 месеци затвор, Стоун треба потоа да отслужи и двегодишна условна казна. Исто така, тој е казнет и со 20.000 американски долари и 250 часа општественокорисна работа.
Обвинителите во случајот бараа казна од 7 до 9 години затвор за Стоун, но минатата недела се повлекоа откако Министерството за правда соопшти дека планира да побара помала затворска казна за долгогодишниот соработник на претседателот.
Трамп, пак, најави дека можеби ќе го помилува.
Стоун е политички ветеран, кој соработувал со републиканците од 1970-те, кој е познат и по неговата тетоважа со ликот на Ричард Никсон на грбот.

Во 90-тите години, Стоун работел како лобист за бизнисот со коцкарници на Трамп, а подоцна бил дел од неуспешната кампања за претседателски кандидат на Трамп во 2000 година.
Според документарецот на Нетфликс, Стоун како стратег, наводно, го охрабрил Трамп да се кандидира и на претседателските избори на кои победи.