Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, уверува дека нема да се предизвика зголемување на цената на струјата за домаќинствата
Регулаторната комисија за енергетика следната недела ќе носи одлуки за тарифите за пренос и дистрибуција на електричната енергија, како и за цената на операторот на пазарот на електрична енергија. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, уверува дека нема да се предизвика зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

„По носењето на овие одлуки, ‘ЕВН хоум’ како универзален снабдувач ќе направи пресметка согласно Законот за енергетика и ќе ја достави на увид до РКЕ, за да се провери дали е во согласност со тарифниот систем кој е сега во сила. Во овој тарифен систем имаме блоковски начин на тарифирање воведен во 2022 година кој придонесе да се намали потрошувачката на домаќинствата и да се испрати сигнал до потрошувачите дека нерационалната потрошувачка носи повисоки сметки за електрична енергија“,
истакна Бислимоски.
Одговарајќи на новинарски прашања, претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за зголемувањето или намалувањето на цената на електричната енергија ќе одлучи регулаторот. Но, додаде дека Владата ќе продолжи со субвенционирање на сметките за струја за домаќинствата и за сите што се на регулираниот пазар.
