Според Бислимоски, за 85 отсто од домаќинствата сметките ќе пораснат во просек за 2,28 проценти и просечната сметка за струја ќе биде повисока за 57 до 70 денари

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за новите цени на електричната енергија кои ќе стапат во сила од 1 јануари 2026 година.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, повисоки цени за електрична енергија ќе има во сите четири блока, а поскапа ќе биде и евтината тарифа.
Во првиот блок цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто, иако предложеното зголемување од „ЕВН хоум“ било за 7,66 проценти.
За вториот блок, РКЕ не го прифатило барањето струјата да поскапи за 8,54 проценти и донеле одлука таа да се зголеми за 2,87 отсто.
Бислимоски рече дека во третиот блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако било предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти.
Според Бислимоски, за 85 отсто од домаќинствата сметките ќе пораснат во просек за 2,28 проценти.
Просечната сметка за струја, вели тој, ќе биде повисока за 57 до 70 денари.
„Наместо предложените проценти, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки одлучи корекциите да бидат пониски“,
изјави Бислимоски.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоум“ предложиле зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучиле таа да се коригира за 2,50 проценти.
Инаку, на почетокот на овој месец РКЕ донесе одлука од 1 јануари следната година за 3,64 отсто да се намали надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција. За 2,67 отсто да биде намален надоместокот за користење на преносниот систем од МЕПСО, а за 3,4 отсто да се намали цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО.
Бислимоски тогаш рече дека влијанието на крајната цена на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во просек ќе биде од 1 до 1,2 отсто. Влијанието, пак, на крајната цена за пренос на електрична енергија е четири отсто, за дистрибуција на електрична енергија е 33 отсто, а влијанието на операторот за пазар на електрична енергија е 0,19 отсто.
