Бислимоски додава дека во текот на овој месец ќе биде тендерот за набавка на загуби на електрична енергија, кој има исклучително големо влијание врз крајната цена. Откако ќе завршат овие процеси, ќе бидат познати конечните цени што ги одредува РКЕ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најави дека до крајот на овој или почетокот на следниот месец ќе ги соопшти новите цени за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, не очекува значителни промени во овој дел.
„МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67 проценти за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а ’Електродистрибуција’ нема наведено во своето барање“,
изјави Бислимоски, кој денеска присуствуваше на третата конференција на МАРЕС, посветена на структурирање на иднината на обновливата енергија.
Тој додава дека во текот на овој месец ќе биде тендерот за набавка на загуби на електрична енергија, кој има исклучително големо влијание врз крајната цена. Откако ќе завршат овие процеси, ќе бидат познати конечните цени што ги одредува РКЕ.
По завршување на тендерот за универзалниот снабдувач, согласно новиот Закон за енергетика, „ЕВН хоум“ ќе ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Од МЕПСО велат дека граѓаните треба да бидат спокојни, истакнувајќи дека не очекуваат испади во текот на зимскиот период, благодарение на континуираните инвестиции.
„Во континуитет инвестираме, имаме и голем број на активни проекти кои во моментот се реализираат“,
изјави Александар Пауноски од МЕПСО.
Тој наброи неколку проекти како 110 киловолтниот далекувод Прилеп – Битола, продолжување на договорот за интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија, инсталирање на реактор за реактивна енергија во 400-киловолтната трафостаница Дуброво.
Од МЕПСО додадоа дека аплицираат за голем број грантови преку механизмот за инвестирање во Западен Балкан, со цел надградба и инвестирање во преносната мрежа, овозможувајќи непрекинато снабдување со електрична енергија.
