Доколку останеше во сила ДДВ од 18 отсто, цената на бензините ќе беше повисока за 6,5, а на дизелот за 10,5 денари за литар, посочуваат од РКЕ
Горивото еуродизел (Д-Е V) од ноќеска на полноќ поскапува за 3,5 денари по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката, во која е вкалкулирано и намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,39 отсто.

Новата максимална малопродажна цена на еуродизел БС (Д-Е V) ќе биде 95,5 денари за литар, на еуросупер БС-95 и натаму останува 86,5, а на еуросупер БС-98 останува 88,5 денари за литар. Малопродажната цена на екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 2,5 денари, со што новата максимална малопродажна цена ќе изнесува 92 денари за литар. Малопродажната цена, пак, на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,157 денари за килограм и ќе изнесува 47,610 денари.
Од РКЕ потсетуваат дека трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
„Доколку останеше на сила ДДВ од 18 отсто, цената на бензините ќе беше повисока за 6,5, а дизелот за 10,5 денари за литар, односно максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваа 93 денари за еуросупер БС-95, 95 денари за еуросупер БС-98, 102,5 денари за еуродизел БС (Д-Е V), 99 денари за екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) и 51,073 денари за мазут М-1 НС“,
информираат од РКЕ.
Оттаму посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 13,592 отсто, кај дизелот за 16,531, кај екстралесното масло за 15,222 и кај мазутот за 9,207 отсто.
