Обвинителката вели дека го информирала Советот на Европа за сите нејзини забелешки и прекршувања, вклучувајќи го и фактот дека вториот оглас бил објавен во изборен период
Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми

Обвинителката Ленче Ристоска смета дека со отворањето на нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права и со отпочнувањето на нова постапка без претходната да се заврши се создава „дуализам на постапките“ што, според неа, е спротивно на правната сигурност и на фер постапка.
Ристоска вели дека тоа е само едно од прекршувањата.
Таа додава дека првата листа кандидати од Владата никогаш не била проследена до Стразбур и дека не добиле одговор или формална одлука за нејзино комплетирање.
Ристоска вели дека го информирала Советот на Европа за сите нејзини забелешки и прекршувања, вклучувајќи го и фактот дека вториот оглас бил објавен во изборен период.
Ристовска е и јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред Судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Обвинителката ги отфрли како неточни тврдењата дека нејзината плата би се намалила ако се смени нејзиниот статус како претставник на Македонија во Европравда (Eurojust). Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите минатиот месец кажа дека премногу пари се трошат на нашиот претставник во Европравда, поради што намерата им е да го сведат на статус на дипломат од трето ниво во нашата ЕУ-мисија во Брисел. Според Ристоска, тоа нема да и влијае на примањата.
„Јас, како и сите обвинители од скопското обвинителство, земам плата која што со закон ми е определена и со закон ми следува“,
изјави таа.
Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми.
„Кажав дека се неточни тврдењата на премиерот Мицкоски дека земам повисока плата. И можам да кажам само дека ваквите тврдења кои што се изнесуваат за мене од страна на премиерот, доведени во корелација со листата што не е пратена во Стразбур, доколку се земе предвид фактот дека и одредени провладини медиуми шират клеветнички кампањи и невистини за мене во јавноста. Сето тоа во одреден контекст, не сметам дека е случајно, а дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го прашате претседателот на ВМРО-ДПМНЕ зошто тука сме за овој предмет“,
вели таа.
За потсетување, втората постапка за избор на судија од земјава во Европскиот суд за човекови права беше објавена откако Владата летово ја поништи претходната, без да даде конкретно објаснување за причините.
Тогаш во трка беа тројца кандидати – обвинителката Ленче Ристоска, судијката во Апелацискиот суд, Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, со кусо образложение дека апликантите не ги исполнувале условите.
Кога премиерот Христијан Мицкоски беше прашан од новинарите кои услови не се исполнети тој посочи дека вистинската вистина ја кажува Владата и повторно не даде конкретен одговор.
Инаку, Ристоска летово објави и дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа. Оваа информација Ристоска ја сподели на Фејсбук откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во Стразбур.
Инаку, секоја земја членка на Советот на Европа има резервирано судиско столче во Судот за човекови права во Стразбур. Постапката како се избира тој судија, низ годините еволуира.
За да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати, чии квалитет и начин на кој се избрани ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава, затоа што во февруари следната година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски.
На почетокот на месецов, Комисијата за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур утврди листата на кандидати кои ќе бидат поканети на интервју.
Седницата на Комисијата дојде откако заврши огласот за пријавување кандидати кои треба да дојдат на местото на Јован Илиевски, кому му истекува мандатот во ЕСЧП.
На седницата Комисијата извршила административна проверка на апликациите во однос на критериумите за пријавување и по проверката, врз основа на фактичката состојба, ја утврдила листата на апликанти кои ќе бидат поканети на интервју.
Меѓу пријавените кои ќе одат во следната фаза, односно ќе бидат повикани на интервју се поранешни и сегашни судии, универзитетски професори и адвокати. Станува збор за 11 кандидати, меѓу кои се деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Сашо Георгиевски; поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска; судијката во скопска Апелација, Оља Ристова; заменик-дирeкторот на Aкадемијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени; членот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски; адвокатката Јелена Ристиќ; адвокатот Тони Менкиноски.