„Јас не го гледам овој избор од перспектива дека мора да бидам избрана за државен обвинител или, пак, дека некого нервирам или дали ова е однапред изгубена битка, туку го гледам како еден процес во којшто треба да ги збогатиме идеите, да понудиме поголем избор, да понудиме решенија, и го гледам како еден мој професионален придонес кон едно подобро Јавно обвинителство“, рече обвинителката во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24
Говорејќи за наводите на премиерот Мицкоски во интервјуто за Вечер.мк, таа вели оти се препознала во навредите бидејќи, како што кажа, таа е единствен обвинител, односно обвинителка од поранешното СЈО што некогаш јавно ги коментирала измените на Кривичниот законик (КЗ), и во 2023 година и сега
Јас очекувам да бидам избрана за државна јавна обвинителка и затоа конкурирав, вели обвинителката Ленче Ристоска додавајќи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет.

Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител и формално да биде еден од петтемина кандидати, доаѓа во период кога таа е во отворен конфликт со премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер е тој.
За потсетување, Ристоска е обвинителка на Основно јавно обвинителство Скопје и обвинител за врски со Европравда (Eurojust). Своевремено беше дел и од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Обвинителката пред Основниот кривичен суд Скопје сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Неодамна таа поднесе тужба против владејачката ВМРО-ДПМНЕ која во октомври лани во соопштение ја нарече поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, ја критикуваше нејзината обвинителска работа обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда.
На почетокот на годината, таа побара извинување од премиерот Мицкоски и поднесе известување до Советот на јавни обвинители поради неговите наводи во интервју за порталот Вечер.мк, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Советот на јавните обвинители вчера требаше да одржи седница, но таа беше одложена поради немање кворум. Една од осумте точки на дневен ред по која требаше да дискутираат членовите на ова тело беше и записникот на Комисијата што Советот ја формираше да постапува по Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, а по известувањето од обвинителката Ленче Ристоска.
На овие теми, обвинителката и кандидатка за нов државен јавен обвинител вчера говореше во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
„Да се препознав во овие навреди, односно во оваа изјава на премиерот, исто како што се препознав во една негова претходна изјава којашто ја даде дека обвинителот за врски со Европравда (Eurojust) зема неколкукратно повисока плата во однос на другите обвинители во државата, бидејќи да појаснам единствен обвинител кого државата било кога го имала во Eurojust сум само јас и јас за цел период земам плата како и секој обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје. А, во оваа изјава конкретно се препознав бидејќи јас сум единствен обвинител, односно обвинителка од поранешното СЈО што некогаш јавно ги коментирала измените на Кривичниот законик (КЗ) и во 2023 година и сега. И, да, затоа се препознав“,
рече Ристоска.
Во тој контекст, таа додаде, оти како јавен функционер е свесна дека е подложна на јавни критики, но истовремено смета дека јавната комуникација мора да има одредено ниво.
„Јас никогаш не сум кажала јавно дисквалификации, ниту за јавни функционери, ниту за политичари, ниту,пак, за политички партии или други ентитети, затоа што кога ги вршиме јавните функции ние ги вршиме во текот на целокупното наше живеење и постоење. Не можам јас да речам дека после 16 часот повеќе не сум јавен обвинител, или сега настапувам во една улога, а другпат во друга улога, и затоа сметам дека моите реакции во конкретниот случај беа исклучиво дефанзивни и насочени кон тоа јас да си го одбранам мојот професионален интегритет, а со тоа и интегритетот на Обвинителството и предметите во коишто е постапувано“,
кажа таа.

За тужбата против ВМРО-ДПМНЕ, Ристоска рече дека таа веројатно е во некаква процедура во граѓанскиот суд. Кажа дека сама ја пишувала и ја уредувала тужбата и дека во очекува известување од судот.
Коментирајќи ја реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по поднесената тужба, во која од партијата ја нарекоа рецидив на системот што голташе жртви и правеше прогон, Ристоска изјави дека не смета дека јавната комуникација треба да биде претворена во препукување меѓу неа и политичката партија, додавајќи дека првпат се случило на јавна сцена да ја прозиваат со име и со презиме.
„Досегашните напади коишто доаѓале од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ стигале на адреса на СЈО и на обвинителите од СЈО, како колектив. Во тој момент нападите преоѓаат од онаа општа сфера на политички квалификации коишто можеби во политичкиот говор и се дозволени, и преминуваат во една друга сфера кога се заборава дека мојата улога не е поранешен обвинител во СЈО во моментов, туку актуелен обвинител којшто води две кривични постапки во кои се засегнати интересите на партијата. Една кривична постапка каде што политичката партија е во својство на осомничено лице за кривично дело перење пари и друга постапка каде што е замрзнат имотот бидејќи согласно обвинението противправната имотна корист завршила кај партијата. Во ваква ситуација јас не сметам дека ваквото соопштение е дадено да ме навредат како Ленче Ристоска, туку да се влијае на тоа како обвинителката Ленче Ристоска постапува по конкретен предмет и да се изнуди некаква поповолна положба за нив. Форма на влијае, загрозување на мојата сигурност. Знаете во овој случај, можеби за јавноста и за сите е изненадувачки зошто првпат еве јавно изреагирав. Меѓутоа, јас мислам дека во вакви ситуации јавноста, досега барем, била единствениот сојузник на обвинителите и на професионалците коишто работат во областа на корупцијата, а во насока на јавниот интерес затоа што отсуствува институционална реакција“,
рече Ристоска.
Вели дека доколку во првиот момент кога била јавно прозвана од ВМРО-ДПМНЕ, добиела институционална поддршка од Јавното обвинителство и од Советот на јавните обвинители немаше денес да се разговара на оваа тема.
„Доколку во тој момент, некој застанеше зад мене, не како индивидуа, туку зад мојата обвинителска работа, и да кажеше дека одредени граници не можат да се преминат, ние немаше да бидеме тука, можеби ќе бевме тука, но немаше да ги разговараме овие теми“,
кажа обвинителката во интервјуто.
Прашана во врска со обвинувањата дека молчела додека СДСМ бил на власт, а сега одработува за партијата која е во опозиција, Ристоска вели дека не молчела ниту пред ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, ниту пред СДСМ, туку дека во тоа време, напротив била етикетирана како вмровка.
„Не знам дали се сеќавате, меѓутоа јас бев буквално етикетирана дека јас сум обвинителот од СЈО којшто е вмровец. Тоа беше кога СДСМ беше на власт. Кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт сега наеднаш јас сум машата на (Зоран Заев) и јас сум таа сдсмовка која што стои во први борбени редови. И притоа сите забораваат и станало непоимливо за нашето општество дека може некој да нема партиски афилијации, да е професионалец, да си ја работи својата работа во насока на заштита на јавен интерес. Ја не сум молчела никогаш, јас сум ѝ се спротивставила на Катица Јанева и затоа сум била казнувана, ме снема од прес-конференции на СЈО. Мојата гласност тогаш беше едноставно да престанам да излегувам на прес-конференции, Катица беше најмоќна жена во тој момент и ништо немаше да има таков видлив ефект како моето отсуство. За време на СДСМ, во интервјуа говорев дека системот промовира и протежира корупција, до постапки со коишто се соочив пред Етичкиот совет на јавни обвинители заради тоа што посочив дека токму во Советот на јавните обвинители, тогашниот состав се разбира се случува тргување со влијание, што подоцна и се докажа со една судска постапка каде што член на Советот беше и правосилно осуден за ова кривично дело, да не зборувам дека имав тужба и за дискриминација“,
кажа Ристоска.

Говорејќи за нејзината кандидатура за нов државен јавен обвинител, таа вели дека се пријавила затоа што смета дека има што да понуди. Вели дека не сака да верува оти некој ја ставил во категорија непријател на власта и го оцени таквото политичко дејствување како многу незрел потег.
„Сметам дека постои одговорност кај носителите и на извршната и законодавната власт за оние кои ги донеле на валста, граѓаните. Бидејќи граѓаните очекуваат државниот јавен обвинител да работи во нивен интерес, а не во интерес на партијата или било кои центри на моќ. И граѓаните се тие што на избори даваат оценка за политиките на власта. И сметам дека доколку постои политичка зрелост, мојата кандидатура вреди и тоа како треба да се разгледа. И јас искрено ви кажувам дека јас се гледам во ново поглавје како државен јавен обвинител“,
рече Ристсока.
Обвинителката, во тој контекст, рече дека на изборот на нов државен јавен обвинител гледа како на сублимат на најдобрите идеи што ќе ги понудат сите кандидати во своите програми.
„Јас јавно ја објавив мојата програма и моето резиме бидејќи верувам во еден мерит-систем и верувам во транспарентност. И во оваа насока би сакал да ги видам програмите и на другите кандидати, па да продискутираме, да размениме идеи бидејќи за мене е најважно тој што ќе биде избран за државен јавен обвинител да ги сублимира сите најдобри идеи и да ги реализира за доброто на Обвинителството и за доброто на државата. Не го гледам јас овој избор од перспектива дека мора да бидам избрана јас за државен обвинител или, пак, дека некого нервирам или дали ова е однапред изгубена битка, туку го гледам како еден процес во којшто треба да ги збогатиме идеите, да понудиме поголем избор, да понудиме решенија, и го гледам како еден мој професионален придонес кон едно подобро Јавно обвинителство“,
кажа Ристоска.
