„Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“, се вели во реакцијата на јавната обвинителка на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 14 октомври
Како притисок и заплашување од лице за кое се води кривична постапка. Вака јавната обвинителка Ленче Ристоска вели дека го доживува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од пред два дена насловено: „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“.

Соопштението, кое почнува со зборовите „каков крај“, владејачката партија го лиферуваше пред два дена како реакција на изјавата на Ристоска во која таа, меѓу другото, наведе оти смета дека со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права и со отпочнувањето нова постапка без претходната да се заврши се создава „дуализам на постапките“, што, според неа, е спротивно на правната сигурност и на фер постапка.
За потсетување, Ристоска е јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Ова Ристоска го појаснува и во реакцијата на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас како обвинител постапувам по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО-ДПМНЕ – еден каде што политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде што има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист, за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментно и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките“,
вели Ристоска.
Оттука, како што наведува таа, соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на нејзината работа како обвинител, туку намерна порака за заплашување и влијание врз неа.
„Со оглед дека се споменува ‘крај’ и ‘време на вистинска правда’, тоа испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем, ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период“,
вели Ристоска во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Дополнително, како што наведува таа, соопштението содржи невистини и навредливи тврдења, меѓу кои и дека нејзиното професионално дејствување било инструирано од политички чинители и криминални структури, дека самата си исплатувала бонуси и награди и користела службени картички, како и дека го симболизира моралниот пад на обвинителството, а отсуството на срам е нејзина одлука.
„Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин. Периодот на ‘правда со дневница’ заврши. Денес е времето на вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од 14 октомври, на кое реагира Ристоска.

Поради ваквите наводи, обвинителката бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ во рок од седум дена од објавата на соопштението или да ги докаже своите тврдења.
Во спротивно, Ристоска најавува дека ќе поведе постапка пред граѓански суд за клевета и навреда против владејачката партија, односно, како што вели таа во објавата, против правното лице што го објавило текстот.
„Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“,
вели јавната обвинителка.
Соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Ристоска „ѕвезда на пропаднатото СЈО“ е објавено по нејзината изјава дека не е случајно тоа што листата со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, на која беше и нејзиното име, е поништена. Таа реагираше и на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека платата на претставникот на земјава во Европравда била висока.
Имено, премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите минатиот месец кажа дека премногу пари се трошат на нашиот претставник во Европравда поради што намерата им е да го сведат на статус на дипломат од трето ниво во нашата ЕУ-мисија во Брисел. Според Ристоска, тоа нема да и влијае на примањата.
„Јас, како и сите обвинители од скопското обвинителство, земам плата којашто со закон ми е определена и со закон ми следува“,
изјави таа во вторникот.
Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми.
„Можам да кажам само дека ваквите тврдења коишто се изнесуваат за мене од страна на премиерот, доведени во корелација со листата што не е пратена во Стразбур, доколку се земе предвид фактот дека и одредени провладини медиуми шират клеветнички кампањи и невистини за мене во јавноста. Сето тоа во одреден контекст, не сметам дека е случајно, а дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го прашате претседателот на ВМРО-ДПМНЕ зошто тука сме за овој предмет“,
рече Ристоска.

Владата летово ја поништи постапката за избор на судија од земјава во Европскиот суд за човекови права без даде конкретно објаснување.
Тогаш во трка беа тројца кандидати – обвинителката Ленче Ристоска, судијката во Апелацискиот суд, Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, со кусо образложение дека апликантите не ги исполнувале условите, по што беше отворен оглас за нова постапка.
Ристоска во вторникот рече дека првата листа кандидати од Владата никогаш не била проследена до Стразбур и дека не добиле одговор или формална одлука за нејзино комплетирање.
Таа изјави дека го информирала Советот на Европа за сите нејзини забелешки и прекршувања, вклучувајќи го и фактот дека вториот оглас бил објавен во изборен период.
Инаку, Ристоска летово објави и дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа.
На почетокот на месецов новата Комисија за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур утврди листа на кандидати кои ќе бидат поканети на интервју.
Седницата на Комисијата дојде откако заврши огласот за пријавување кандидати кои треба да дојдат на местото на Јован Илиевски, кому му истекува мандатот во ЕСЧП.
На седницата Комисијата извршила административна проверка на апликациите во однос на критериумите за пријавување и по проверката, врз основа на фактичката состојба, ја утврдила листата на апликанти кои ќе бидат поканети на интервју.
Меѓу пријавените што ќе одат во следната фаза, односно ќе бидат повикани на интервју, се поранешни и сегашни судии, универзитетски професори и адвокати. Станува збор за 11 кандидати, меѓу кои се деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први”, Сашо Георгиевски; поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска; судијката во скопска Апелација, Оља Ристова; заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени; членот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски; адвокатката Јелена Ристиќ; адвокатот Тони Менкиноски.
Обвинителката Ристоска и судијката Габриела Гајдова не се пријавија на новиот оглас за избор на судија од С Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур