Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот, вели Ристоска

Обвинителката Ленче Ристоска, една од тројцата кандидати за судија во Стразбур, во интервју за „Призма“ вели дека размислува да не се кандидира повторно за позицијата откако Владата без образложение го поништи конкурсот и распиша нов.
Таа претходно објави и дека два месеца против неа се водела клеветничка кампања и дека добивала укажувања да се повлече.
„Побарав јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност, но со оглед дека не го добив, во процес сум на поднесување тужба за клевета. Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано. Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. А дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата. Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот“,
вели Ристоска во интервју за „Призма“.
Ристовска е и јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред Судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Таа потенцира дека со одлуката да ги поништи кандидатурите и да не го почитува мислењето на Комисијата за избор на кандидати, Владата прекршила низа од препораките на Советот на Европа.
За потсетување, Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, со кусо образложение дека апликантите не ги исполнувале условите.
Кога премиерот Христијан Мицкоски беше прашан од новинарите кои услови не се исполнети, како и за укажувањата на Ристоска да ја повлече кандидатурата, тој посочи дека вистинската вистина ја кажува Владата и повторно не даде конкретен одговор.
Од друга страна, пак, уставниот судија Осман Кадриу, кој членуваше во комисијата што го вршеше изборот, изјави дека тројцата кандидати Јордан Апостолски, Ленче Ристоска и Габриела Гајдова ги исполнуваат сите услови, а при одлучувањето за нив, „се воделе од принципите на стручноста и моралноста на пријавените“.

Блупринт-група: Процесот беше нетранспарентен, постапката спорна
Според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна, а Владата согласно препораките мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата.
За да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати, чии квалитет и начин на кој се избрани, ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Со поништување на листата, Владата атакува врз интегритетот на сите кандидати, но фрла сенка и врз новоформираната комисија, а ќе фрли сенка и врз новоизбраните кандидати, оценува обвинителката Ристоска.
По поништувањето на конкурсот, реагираше и Блупринт-групата за реформи во правосудството составена од шест граѓански организации, со обвинување дека потегот на Владата е загрижувачки, како и дека освен што процесот бил нетранспарентен, спорна е и постапката.
„Одлуки донесени без образложение, спротивно на правилата и надвор од пропишаната процедура го нарушуваат меѓународниот углед на државата и не го обезбедуваат легитимитетот на избраниот кандидат“,
реагираа оттаму.
Откако Владата не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, падна одлука да се формира и нова комисија.
Наместо досегашните девет члена, во новата Комисија за избор има пет члена – претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје Бесник Авдија и Ирина Трајкоска Стрезоски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.