„Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат“, вели Ристоска

Обвинителката Ленче Ристоска вели дека два месеци била под притисок да ја повлече кандидатурата за судија во судот во Стразбур, додека истовремено се одвивала „клеветничка кампања“ против неа.
Таа ја сподели својата реакција на Фејсбук, откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во Стразбур, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата.
„Предложените кандидати не ги исполнуваа предвидените резултати“,
беше одговорот од Владата што го пренесе „Слободен печат“.
Ристоска вели, тоа што Владата не дала појаснување за кои критериуми станува збор, за неа не е изненадување.
„Последниве два месеци имав укажувања дека треба да ја повлечам мојата кандидатура за судија во судот во Стразбур, а во исто време во јавноста се одвиваше и клеветничка кампања против мене. Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Совет на Европа за избор на кандидати за судии, но и насоките што самата Влада ги дала на Комисијата во решението за нејзино формирање беше неизвесна. Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат“,
пишува Ристоска во својата објава.
Понатаму, таа потсетува дека според препораките на Советот на Европа, постапката мора да биде извесна и однапред пропишана, фер и транспарентна, а Владата согласно препораките на Советот на Европа мора да го оправда секое отстапување од листата утврдена од Комисијата.
Откако Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, одлучи да се формира и нова комисија.
Инаку, секоја земја членка на Советот на Европа има резервирано судиско столче во Судот за човекови права во Стразбур. Постапката како се избира тој судија, низ годините еволуира.
За да се спречи политичкото влијание, државата предлагач прво спроведува внатрешна процедура по која предлага тројца кандидати, чии квалитет и начин на кој се избрани ги разгледува панел во Советот на Европа, кој може да постави дополнителни прашања, да ја врати листата назад ако предлозите не се добри или, пак, да проследи дел или сите кандидати за избор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Македонската влада ја почна постапката за избор на кандидати за судија во Стразбур во првото тримесечје од годинава, затоа што во февруари следната година истекува мандатот на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски.
Тој е поранешен шеф на ОЈО за ГОКК, универзитетски професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Освен Ристоска, другите двајца кандидати беа судијката од Апелацискиот суд, Габриела Гајдова, и адвокатот Јордан Апостолски.