Според неа, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество
На почетокот на месецов Ристоска во телевизиско интервју рече дека на огласот не се пријавила за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Додаде дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала
Обвинителка на Основно јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и обвинител за врски со Европравда (Eurojust), Ленче Ристоска, денеска реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена во синоќешното телевизиско гостување, дека таа апсолутно не е во игра за избор на нов државен јавен обвинител.

Според неа, кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, се отвораат прашања за природата на критериумите што се применуваат во изборот.
„Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“,
вели Ристоска.
Професионалците во системот, додава, мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“,
се вели во реакцијата на обвинителката.
Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното интервју на телевизија Канал 5 рече дека кандидатката Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за нов државен јавен обвинител.
На новинарското прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и обвинителката Ленче Ристоска, која своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и сè уште пред судот застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија, се во игра за изборот на нов државен јавен обвинител, Мицкоски рече:
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра.“
Советот на јавни обвинители пред неколку дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.
Членовите на Советот дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката испадна само поранешниот судија Владимир Панчевски.
На почетокот на месецов Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот не се пријавила за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет.
Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За потсетување, Ристоска е обвинителка на Основно јавно обвинителство Скопје и обвинител за врски со Европравда (Eurojust). Своевремено беше дел и од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Обвинителката пред Основниот кривичен суд Скопје сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Неодамна таа поднесе тужба против владејачката ВМРО-ДПМНЕ која во октомври лани во соопштение ја нарече поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, ја критикуваше нејзината обвинителска работа обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда.
На почетокот на годината таа побара извинување од премиерот Мицкоски и поднесе известување до Советот на јавни обвинители поради неговите наводи во интервју за порталот Вечер.мк, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и погребување на правната држава.
Реакцијата доаѓа откако премиерот синоќа во телевизиско гостување изјави дека обвинителката Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за оваа функција.
