Тој додаде дека изминатите години имало трагедии кои, како што рече, биле предизвикани од недоволно спроведување на безбедносните стандарди и заштита од пожари

Министерството за економија и труд, заедно со сите релевантни министерства и државни институции, активно работи на измена на постојните закон и правилници со цел воведување построги и повисоки стандарди за заштита и безбедност за сите субјекти кои работат во угостителската дејност. Ова го истакна денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата „Заштита на објекти од пожар и претставување на работата на техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46“, која се одржа во Стопанската комора.
Според Ристески, клучна цел на овие измени е зголемување на координацијата меѓу институциите и зајакнување на контролните механизми на државата.
Конференцијата, чија цел е запознавање со активностите на техничкиот комитет при Институтот за стандардизација на Македонија (ИСРСМ), има за цел и подигнување на свеста кај стручната и пошироката јавност за значењето на примената на стандардите. Ристески рече дека стандардите играат суштинска улога во законските и подзаконските акти поврзани со заштита од пожар, особено во процесот на проектирање и градење на објекти.
Ристески вели дека оваа тема е од исклучителната важност нарекувајќи ја „болна и актуелна тема во Македонија“.
Тој додаде дека изминатите години имало трагедии кои, како што рече, биле предизвикани од недоволно спроведување на безбедносните стандарди и заштита од пожари.
„Овие трагедии беа резултат на законски нормативи полни со недоречености, недостиг на контролни механизми за спроведување на постојните пропишани регулативи и стандарди за безбедност, лошата координираност на институциите, но и нискиот праг на стандарди за давање дозволи за работа во дејности или објекти“,
кажа Ристески.
На конференцијата говореше и извршната директорка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ, која рече дека во моментов во земјава имаме помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, иако согласно закон бројот треба да биде поголем од 800. Законот, рече таа, јасно вели дека на 1 500 жители треба да има по еден пожарникар. Според неа, не постои тренинг центар за обука за новите и старите пожарникари, а дел од пожарникарите работат со стари возила и стара опрема.