Заменик-министерот за економија и труд во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека досега се изречени казни за неисполнување на минималните технички услови во висина од 3,5 милиони денари, но не кажа имиња на објектите на кои им е изречена забрана за дејност
Робусната акција што ја започна Владата за контрола на угостителските објекти по катастрофалниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загина 61 лице, а близу 200 се повредени, не е застаната и таа и понатаму продолжува.

Објаснувајќи дека станува збор за акција во која се вклучени повеќе институции и инспекторати, кои вршат вонредни инспекциски надзори, надвор од годишниот план за вакви активности, ова во вечерашното гостување во емисјата „Топ тема“ на ТВ Телма го кажа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Рече дека досега се направени околу 300 инспекциски надзори во угостителски објекти, во акцијата што ја води Министерството за внатрешни работи, а во која се вклучени Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за финансиска полиција, како и општините во делот на ингеренциите што ги имаат преку Заедицата на единиците на локалната самоуправата (ЗЕЛС).
„Во оваа акција од 23 легитимно издадени лиценци за ноќни клубови, кабареа и дискотеки, 13 од нив не ги исполнуваат минималните техничките услови кои ги пријавиле, а само 10 имаат активна лиценца со исполнување на комплетно сите услови. На шест од оние кои не ги исполнувале условите извршена е забрана за дејност и пуштен е допис до Министерството за економија и труд од страна на ДПИ за одземање на лиценцата и парична казна. Направена е контрола и на други угостителски субјекти и досега се изречени казни за неисполнување на минималните технички услови во висина од 3,5 милиони денари“, рече Ристески.
Тој не кажа имиња на објектите на кои им е изречена забрана за дејност, но, како катастрофална ја оцени казнената политика предвидена во контролата на угостителските објекти во Законот за угостителство. Казните, како што кажа, изнесуваат од 150 до 500 евра, а станува збор за субјекти кои прават огромни профити.
Поради ова, заменик-министерот рече дека треба да се направат квалитетни измени во Законот за угостителска дејност.
„По големата трагедија во Кочани, не смееме да си довозволиме понатаму вакви трагедии да се случуваат поради пропусти кои системски биле правени со години нананзад. И затоа новите измени во законот треба да ги намалат, односно да ги сведат на нула ваквите можности“, рече тој.
Се осврна и на екипираноста на Пазарната инспекција, во која, како што кажа, без намера да ги оправдува инспекторите, претежно работат правници и економисти, кои смета дека не можат да проверуваат исполнување на технички услови.
„Сепак сметаме дека квалитативна промена во сето ова би било формирање на Комисијата, како што била до 2008 година кога е направена регулаторната гилотина. Бидејќи лиценците најчесто важат за една година, проверките на сите минимално-технички услови кои треба да ги исполнуваат објектите би се правеле два пати годишно, а во Комисијата пред да ги утврди тие услови, да стават потпис навистина стручни луѓе“, рече Ристески.
Нагласи дека со измените на овој закон, на кои се работи, се предвидува повеќекратно зголемување на казните, а покрај прекршочни казни, се планира и воведување кривична одговорност за одговорните лица, како и мерка за пломбирање на објектите на кои им е изречена мерка за времена забрана за вршење на дејноста.
Ристески кажа дека се побарани нови вработувања во инспекциските служби и зајакнување на капацитетот на ДПИ од страна на Министерството за економија и труд до Министерството за финансии. Во таа насока рече дека се очекува да бидат вработени околу 20 до 30 инспектори.