Нова рунда преговори меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ за новото законско решение за јавното обвинителство се одржа денеска во зградата на Владата. И двете страни тврдат дека е постигнат напредок, а од СДСМ велат дека е можно законот да биде донесен до средината на септември.
Антонијо Милошоски, кој е дел од преговарачката група на ВМРО-ДПМНЕ, средбата ја оцени како конструктивна. Рече дека има договор „околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите“. Од тимот на власта се оптимисти. Потврдуваат дека овие две прашање се усогласени.
„Се согласивме дека е потребно зголемување на финансиите генерално за целото Јавно обвинителство, а со тоа за негова поголема самостојност, а со тоа разговаравме за поголема одговорност на обвинителите. Очекувам законот да се изгласа до 15 септември“,
изјави по средбата заменик министерот за правда, Оливер Ристоски.
Двете страни се договориле да не изнесуваат детали за да не се нарушел процесот на договарање.
Ова е прва средба на преговарачките групи по посетата на Рикер и Хан кои дојдоа и си заминаа со цврст став и барање да се осигура иднината на СЈО. Двајцата нагласија дека владиниот предлог-закон за јавно обвинителство дава добра основа и порачаа дека треба да престанат политичките игри. Високите дипломати од САД и од ЕУ подвлекоа дека очекуваат конструктивност од опозицијата, а Рикер отиде и чекор натаму и порача дека никој не смее да го одложува одењето на државата напред. Пораката до власта беше дека случајот „Рекет“ мора темелно да се истражи без разлика кого се ќе опфати.
Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одби да присуствува на лидерската средба за законот за обвинителство, закажана од премиерот Зоран Заев, со образложение дека би дошол и би разговарал за темата, но само ако прва точка на лидерската средба биде определување на датум за предвремени избори.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ има низа забелешки на владиниот предлог-закон. Тие не сакаат СЈО со сите свои капацитети да се спои со основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, како што предвидува законското решение. Бараат обвинителите на СЈО да се вратат во матичните обвинителства, да се истражи нивната евентуална инволвираност во аферата „Рекет“, па дури потоа да конкурираат за работа во новото обвинителство. Реагираат и на одредбата со која Катица Јанева ќе добие унапредување во републичкото јавно обвинителство. Сите предмети кои СЈО ги отвори до 30. јули 2017, ВМРО-ДПМНЕ предлага сега да ги преземе републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и да ги распредели на понатамошно постапување. Исто така, според ВМРО-ДПМНЕ, интегрираното обвинителство не треба да го раководи Вилма Русковска.
Откако законот е поднесен во Собрание, власта ја повика опозиција да не го кочи процесот со нови предлог-решенија, туку сите забелешки да ги преточи во амандмани и да ги поднесе во Собранието. Одговарајќи на новинарски прашања, денеска премиерот Зоран Заев порача дека и власта има свои „црвени линии“.
„Не смееме да влијаеме на иднината на процесите и на иднината на СЈО, тоа мора да биде обезбедено и за неа ќе одлучуваат понатаму правници, а не политичари, тоа е многу важно и да не се остави впечаток за влијание врз правото и правната држава. Така да тие се отприлика црвените линии, кои ако се поминат, секој граѓанин ќе не оквалификува како уништувачи на владеење на правото и правната држава“,
изјави Заев.