Конечните резултати од изборите ќе бидат објавени најдоцна до четврток во 20 часот
Според податоците на Републичката изборна комисија, заснована на 70,57 проценти од обработените избирачки места, односно 64,07 проценти од обработеното избирачки тело, излезеноста на вчерашните изборите во Србија изнесува 50,32 отсто од запишаните гласачи или 2 122 773 гласачи.
Како што јави МИА од Белград, распределбата на силите во парламентот остана иста како врз основа на вчерашните првични податоци – цензусот го поминаа само три листи: Српската народна партија (СНС) на Александар Вучиќ, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ и СПАС на Александар Шапиќ.
На изборите според српските закони гласаа и српските државјани на Косово, во Република Српска во БИХ и во дипломатско-конзуларните претставништва низ светот.
Кога станува збор за распоредот на 250 пратенички места во собранието, листата „Александар Вучиќ – за нашите деца“ освои најмногу гласови – 61,59 отсто од гласовите (191 мандат). Следува коалицијата на Социјалистичката партија на Србија и Обединета Србија (СПС-ЈС) со 10,37 отсто освоени гласови (32 места). Цензусот го помина и листата СПАС на градоначалникот на Нов Белград, Александар Шапиќ, која освои 3,64 отсто од гласовите (11 мандати).
Во парламентот влегоа и партиите и листите на националните малцинства, Сојуз на Унгарците во Војводина (10 места), листата на Муамер Зукорлиќ (две места), листата на Сулејман Угљанин ( две места) и коалицијата на албанските партии (два мандати).
Конечните резултати од изборите ќе бидат објавени најдоцна до четврток во 20 часот.