Како што истакна украинскиот министер за надворешни работи на Твитер, доколку за 48 часа не се извршат соодветните поправки и доколку Чернобил не биде снабден со струја, „системите за ладење на складиштето за потрошено нуклеарно гориво ќе престанат, со што ќе дојде до истекување на радијација“
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска на Твитер повика на прекин на огнот од страна на Русија, со цел да се извршат поправки и да се врати во функција единствената електрична мрежа која ја снабдува со електрична енергија нуклеарната централа во Чернобил, а која денеска беше оштетена како резултат на дејствијата на руските напаѓачи.
„Резервните дизел-генератори имаат капацитет од 48 часа за напојување на нуклеарната централа Чорнобил. Потоа системите за ладење на складиштето за потрошено нуклеарно гориво ќе престанат да работат, со што ќе дојде до истекување на радијација“,
напиша украинскиот министер за надворешни работи Кулеба на Твитер.
„Варварската војна на Путин ја става цела Европа во опасност. Мора веднаш да престане!“,
додаде Кулеба.
Државниот електроенергетски оператор на Украина претходно соопшти дека руските сили ја исклучиле нуклеарната централа од мрежата.
„Енергоатом“, украинската државна нуклеарна компанија, предупреди дека ситуацијата може да предизвика ослободување радиоактивни материи од централата, а воедно и оти ветрот може да го пренесе радиоактивниот облак во други региони на Украина, Белорусија, Русија и Европа.