Во ДПИ не е потребен кадар за администрација, потребни се инспектори за на терен
Следнава недела во ЦУК ќе анализираат доколку може дел од луѓето наместо во некои од градовите во Западна Македонија да ги преземат во Скопје
Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, не е задоволен од кадарот кој ќе добие со распределбата на лицата кои досега земаа плата од Министерството за политички систем и односи со заедниците, иако не одеа на работа. Првиот човек на ДПИ вели дека тој барал инспектори во Источна Македонија а добил друг профил на работници за Западна Македонија.
Според планот, ДПИ ќе добие 35 лица, но Пауновски во изјава за „360 степени“ вели дека тие не биле консултирани претходно за тоа каков кадар им е потребен, ниту во кои градови имаат недостаток.
„Точно е дека добивме луѓе со распределбата, меѓутоа повеќето се со Факултет за детективи и криминалистика, а нас ни се потребни инспектори, луѓе кои ќе одат на терен. Ние можеме од нив да направиме инспектори, но за тоа ќе бидат потребни три до четири години и ќе зависи од тоа дали тие сакаат да работат како инспектори. На Државниот пазарен инспекторат најмногу му е потребен кадар во Источна Македонија, во Гевгелија, Струмица, Радовиш, но за овие градови не добивме. Во Струмица имаме шестмина од кои двајца одат во пензија, таму ни е потребен кадар. Слична е ситуацијата и во другите градови во Источна Македонија“,
вели Пауновски.

Тој додава дека испратиле забелешки и барања со образложенија каде им е потребен и каков профил на кадар.
„Нас не ни е потребен кадар за администрација. Сега излегува дека овие луѓе повторно нема да има што да работат, а не треба да биде така“,
додава Пауновски.
Како што вели тој, во Тетово, Државниот пазарен инспекторат има 43 вработени, а со новите десетина лица ќе има повеќе вработени отколку во Инспекторатот во Скопје.
Стојанче Ангелов: Ќе барам трансфери за во Скопје
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вели дека генерално е задоволен што со распределбата му се доделени дополнителен број на луѓе (вкупно 24), бидејќи се соочуваат со голем недостаток на кадри. Но и за него претставува проблем дистрибуцијата по градови, бидејќи со првичниот список покриени се неколку градови од Западна Македонија, а како што вели тој најголема потреба има од вработувања во Скопје.
„Уште во првата изјава што ја дадов при доаѓањето на директорското место кажав дека се соочуваме со голем недостиг на кадар. Така што, ова е добро за нас, но не е добра дистрибуцијата по градови. Затоа, следнава недела заедно со заменик-директорот ќе анализираме доколку може дел од овие луѓе наместо во некои од градови во Западна Македонија да ги преземеме во Скопје. Секако, не можеме никого со сила да го натераме да дојде, но мислам дека ќе најдеме решение“,
вели Ангелов.

Тој е задоволен и од профилот на кадрите што се распределени во ЦУК. Вели дека според нивното образование тие се соодветни за во оваа институција, но напоменува дека имаат голем недостаток во логистика и како пример ги посочи информатичарите.
„Немаме информатичари, а ни се потребни. Но, не можеме да најдеме, бидејќи во државните институции платите за овие професии се ниски во споредба со она што им се нуди во приватните фирми“,
додава Ангелов.
Тој вели дека во ЦУК, застапеноста на етничките заедници е на минимум, па со новите вработени ќе се постигне одреден баланс.
Во некои институции приливот на кадар е 125%
Трансфер од Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците добија 1 349 службеници. Тие се распоредени во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Но, во некои институции нивниот број е поголем.
- Министерство за внатрешни работи 143;
- Управа за јавни приходи 92;
- Државно правобранителство 74;
- Царинска управа 74;
- Управа за водење на матичните книги 41;
- Државен пазарен инспекторат 35;
- Агенција за заштита на личните податоци 30;
Сепак, и овој статистички показател не кажува доволно за тоа што ќе значат новите вработени за институциите во кои се упатени. На пример, МВР има 12 115 вработени, па приливот од 143 нови кадри е зголемување за само 1,1% од актуелниот број на вработени.
Навидум малубројните 35 нови кадри во Државниот пазарен инспекторат, за кои реагира Стојко Пауновски, ќе претставуваат раст од 13% на вкупниот број вработени во институцијата, која сега брои 271 човек. Префрлените 92 кадри во УЈП се раст од 8,2% на вкупниот кадар, а во Управата за водење на матични книги 8,8%.

Сепак, многу порадикален ќе биде ефектот во Државното правобранителство, каде на актуелните 106 вработени им се приклучуваат вкупно 74 нови, со што институцијата преку ноќ треба да најде работа, канцеларии и услови за 70% нововработени. Рекордер, пак, е Агенцијата за заштита за лични податоци која ќе добие 30 вработени на актуелните 24, односно ќе има прилив од +125% во бројот на вработени.
Случајно или не, двете институции кои се најмногу „поклопени“ со нови вработувања се раководени од кадри на Алтернатива (Државно правобранителство) и на ДПА (Агенција за заштита на лични податоци). Со оглед на големиот број на вработени кои ги добиваат од ресорот кој со години го води ДУИ, сигурно нема да можат да вработат нови луѓе, по свој терк, уште долго време.
„360 степени“ упати прашања и до други директори на институции кои добиваат дел од кадарот од Министерството за политички систем и односи со заедниците. Ги очекуваме нивните официјални одговори.
Кои се луѓето за „трансфер“
Според степенот на образование, најголем дел од 1 349 лица кои добија трансфер во други институции се економисти и правници. Меѓу нив има и кадар со средно образование.
Планот за нивно префлрање помина на владина седница, а вчера го презентираше првиот вицепремиер и министер за политички системи Артан Груби.
Тој рече дека меѓу овие лица нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Сепак, ако се проверат податоците за структурата на вработените по припадност на заедница што ги објавува Министерството за информатичко општество, јасно е дека големо мнозинство од кадарот се Албанци. Односно, Македонци се 0,21%, Албанци 87,95%, Бошњаци 1,37%, Власи 0,07%, Роми 4,18, Срби 0,34%, Турци 5,68% и други 0,21%.

Нивниот трансфер ќе се врши преку систематизација на работните места на исто ниво согласно условите што ги исполнуваат. Во рок од седум дена тие треба да си ги подигнат упатните решенија од Министерството за политички системи и односи меѓу заедници, а Груби очекува тоа да се случи до крајот на наредната недела со оглед дека треба да доаѓаат лично, а притоа да не се прави метеж поради почитување на протоколите за заштита од ковид-19.
Административците вработени по Рамковен договор, според презентираното, немаат право да избираат. Груби веќе им ги потпишал упатните решенија кои тие треба да ги примаат и да ја започнат процедурата на одјавување од тоа Министерство и пријавување во институцијата каде што ќе треба да работат.