Во конечниот извештај, ДЗР се осврнува и на надоместокот што си ги изгласаа уставните судии лани во октомври, при што се посочува дека сѐ уште не е изготвен акт за висината и начинот на утврдување на додатоците на основната плата на судиите
Низа слабости во работењето на Уставниот суд воочил Државниот завод за ревизија во извештајот за оваа институција за 2019 година.
Во конечниот ревизорски извештај што ДЗР го објави денеска е забележано дека Уставниот суд не донел програма за работа, не воспоставил внатрешна ревизија, ниту сметководствена евиденција за набавка и издавање материјали… Евидентирани се слабости и во вршењето на пописот на средства и обврски, а за дел од набавките на стоки и услуги е забележано дека не се применуваат одредбите од Законот за јавни набавки.
„Изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“,
наведува Државниот завод за ревизија во сублиматот од конечниот извештај.
Клучните препораки се Уставниот суд да донесе програми за работа и распоред, да врши целосен попис согласно прописите, да евидентира материјали и да набавува стоки и услуги со примена на Законот за јавни набавки.

Во извештајот, исто така, се посочува дека во периодот од 2015 до 2019 година не се завршени 40 отсто од предметите во овој суд. Ревизијата констатира дека во Деловникот на судот не се предвидени рокови за закажување подготвителни седници, јавни расправи, како и датуми за конечно одлучување.

Ревизорите се осврнуваат и на додатоците на плати што си ги изгласа Уставниот суд лани во октомври. Во извештајот се посочува дека сѐ уште не е изготвен акт за висината и начинот на утврдување на додатоците на основната плата.