Од Владата информираат дека со дополнетиот и ревидиран договор се овозможува понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни, а воедно се овозможува бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук, како и намалена царина при извоз и увоз на голем број прехранбени производи
Договорот за слободна трговија и обезбедување со храна меѓу Северна Македонија и Украина денеска во Прага беше дополнет и ревидиран со цел олеснета трговија со храна меѓу двете земји.
Од Владата информираат дека потпишаните документи овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни, а воедно се овозможува бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук, како и намалена царина при извоз и увоз на голем број прехранбени производи.

„Со овие дополнувања на Договорот за слободна трговија се постигнува многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло, односно ако досега за извоз во Украина се користеа само суровини од Северна Македонија и Украина и обратно, а за извозот од нашата земја се користеа само суровини со потекло од Северна Македонија и Украина, со овие нови правила ќе биде возможно да се користат и ЕУ суровини. Новиот Договор ќе овозможи користење на суровини од Украина при извоз во ЕУ и обратно“,
се наведува во владиното соопштение.
Одлуките од Договорот ги потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и заменик-министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка, а на свеченото потпишување присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи и украинскиот премиер Денис Шмихал.
Од Владата додаваат оти за време на средбата премиерот Ковачевски уште еднаш ги потврди позициите на Северна Македонија за силната поддршка за Украина и украинскиот народ.
„Премиерот Денис Шмахил се заблагодари на нашата делегација предводена од премиерот Ковачевски за неизмерната поддршка што Република Северна Македонија ја дава за Украина. Во разговорите премиерот Ковачевски посочи дека придржувањето кон активностите и политиките на ЕУ и на демократскиот свет, за нас како земја, значи застанување на вистинската страна, во вистински момент“,
додаваат од Владата.