Во земјата има помалку од 200 нови случаи на инфекција дневно, а речиси 84 проценти од населението е вакцинирано со двете дози
Престолонаследникот во Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед, објави дека животот во земјата се враќа во нормала, бидејќи бројот на заразени со коронавирус се намалува – има помалку од 200 нови случаи на инфекција дневно, а речиси 84 проценти од населението е вакцинирано со двете дози.
Во Обединетите Арапски Емирати речиси 93 проценти од населението беше вакцинирано со првата доза, додека речиси 84 проценти беа вакцинирани со двете дози.
„Ви носам добри вести, здравствената состојба во Емиратите е добра“,
изјави престолонаследникот Мохамед бин Зајед.
Вакцинацијата и строгите мерки се причините за ваквите резултати, велат оние што живеат таму.
„Имаме многу добри кампањи со кои ги покануваме граѓаните да се вакцинираат. Минатата година, кога започна вакцинацијата, имавме околу 30 илјади волонтери кои ја примија вакцината, а потоа, кога видоа како одат работите, луѓето се заинтересираа. Исто така, им рековме на граѓаните – ако сакате да влезете во трговскиот центар или да присуствувате на состанок, мора да покажете негативен ПЦР-тест, стар до 48 часа, или да покажете доказ дека сте вакцинирани. По некое време, резултатот беше очигледен“,
вели новинарот Мохамед Џамал Рајс.
