Од денеска во Црна Гора во сила се нови рестриктивни мерки со кои се воведува забрана за напуштање на домовите од 22 до 5 часот наутро, продавниците ќе работат од 7 до 20 часот, а угостителските објекти од 7 до 18 часот, пренесуваат црногорските медиуми.
Во согласност со големината на објектот и бројот на корисници, потребно е да се обезбеди едно или повеќе лица кои ќе го контролираат почитувањето на мерките – таканаречени корона-чувари, пренесе порталот РТЦГ.
Меѓуградскиот сообраќај, исто така, е забранет од петок во 22 часот до понеделник во 5 часот наутро.
Задолжително е правилно носење маска и одржување физичко растојание во затворен и на отворен простор. Забранети се масовните или социјални собири, како и собири во станбени згради. Забранети се и собири во групи со повеќе од четири возрасни заедно на отворено.
Верските заедници се должни да ги приспособат своите активности на сегашната епидемиолошка состојба, а истото важи и за погреби и помени.
