Високите температури и слабите врнежи го намалија производството на хидроенергија во провинцијата со 83,75 милиони жители, а истовремено ја зголемија побарувачката за струја за разладување на просториите, што беше причина за воведување на рестрикциите
Југозападната кинеска провинција Сечуан денеска воведе рестрикции на струја за станбени објекти, деловни простории и трговски центри поради големиот недостиг на електрична енергија предизвикан од екстремните топлотни бранови и сушата, јавува Ројтерс.
Станбените и деловните објекти, како и трговските центри во Дажоу, град со 5,4 милиони жители, денеска беа известени за повремени рестрикции на електрична енергија кои ќе траат по неколку часа, објави државната електродистрибутивна компанија „Дажоу пауер“.
Прекините на електрична енергија за резиденцијалните објекти се ретки во Кина, каде што вообичаено се ограничува снабдувањето со електрична енергија во индустријата.
Во пораката, која се чини дека е официјален повик за заштеда на струја, се бара температурата во јавните објекти на ладење на клима-уредите да не биде помала од 26 Целзиусови степени и наместо лифтови да се користат скали, пишува денес на насловната страница на провинцискиот државен весник „Сечуан дејли“.
Фонтаните, осветлувањето на објектите и комерцијалните активности во ноќните часови треба да бидат исклучени, пишува весникот.
Провинцијата Сечуан, која 80 отсто од својата струјата ја добива од хидроенергија, во неделата им нареди на производителите на литиум, ѓубрива и други да ги затворат фабриките или да го ограничат производството поради најлошиот топлотен бран во последните 60 години.
Високите температури и слабите врнежи го намалија производството на хидроенергија во провинцијата со 83,75 милиони жители ова лето, а истовремено ја зголемија побарувачката за струја за разладување на просториите.
Аналитичарите велат дека ако продолжат високите температури кризата со електрична енергија може да се прелее во други околни провинции кои делумно се потпираат на купување струја од Сечуан, додаде Ројтерс.