Според новиот владин план, на 4 јануари ќе се отворат градинките и основните училишта, како и рестораните во хотелите, но со половичен капацитет
Средните училишта, рестораните и трговските центри во Бугарија најверојатно ќе останат затворени до 31 јануари за да се спречи ширењето на коронавирусот и да се олесни товарот врз здравствениот систем, изјави денеска бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов.
Воведените рестриктивни мерки, кои сега траат до 21 декември, според министерот, помогнале во намалување на драстичниот пораст на новозаразени, но земјата и понатаму има најголема стапка на смртност на 100 000 луѓе во ЕУ.
Според планот, кој владата утре детално ќе го презентира, градинките и основните училишта ќе можат повторно да почнат со работа од 4 јануари. Рестораните во хотелите, исто така, ќе можат да бидат отворени за гости, но ќе работат со 50 отсто од капацитетот.