Белгија има највисока стапка на смртност од коронавирус со 129 смртни случаи на 100 000 луѓе
Рестораните, кафетериите и пабовите во Белгија најверојатно ќе останат затворени до крајот на годината, предупредуваат епидемиолозите, додека во јавноста се дебатира дали е време да се укинат ваквите остри мерки за борба против епидемијата на коронавирусот.
Кафулињата и рестораните беа затворени пред точно еден месец по втор пат поради коронавирусот.

„Пабовите и рестораните се места со висок ризик. Тоа нема никаква врска со угостителите кои даваат се од себе, но тие се едноставно места каде што луѓето се собираат“,
велат епидемиолозите.
Според нив, пролетта е многу поверојатно време за повторно отворање на угостителски објекти без да има опасност од трет бран на епидемијата.
„Мислам дека продавниците ќе можат повторно да се отворат, но не и угостителската дејност. Тоа е можно само со педесет заразени лица на ден”,
вели епидемиологот Ван Ранст.
Според него, прво, добрата политика за тестирање и следење е клучна, но не треба ни пребрзо опуштање, па негова проценка е дека рестрикциите би можеле да бидат олабавени околу Божиќ, на 25 декември.
Се очекува во наредните денови Белгија да ги разгледа одново мерките кои се во сила до 27 ноември.
Еурактив.ком пишува дека регионалната влада на Брисел потврдила дека мерките нема да бидат укинати, туку напротив ќе бидат продолжени до 13 декември.
Во меѓувреме, здравствените експерти предупредија дека стапката на инфекција се намалува побавно отколку што се очекуваше.

Белгија има највисока стапка на смртност од коронавирус со 129 смртни случаи на 100 000 луѓе, според податоците на универзитетот Џон Хопкинс.
После Белгија следуваат Шпанија со 89, Аргентина со 81, Бразил со 79,5, Велика Британија со 79,4, Мексико со 78, Италија со 76,8 и САД со 76 смртни случаи на 100 000 граѓани.
Белгија, со 11 милиони жители, регистрира 185 смртни случаи во последните 24 часа, што е мало намалување во споредба со претходната недела.
Повеќе од 504 000 луѓе се заразени во земјата од почетокот на епидемијата, а починале 14 839 лица.
