„Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати во Владата да бидеме само декорација. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните, да разговараме со нив, за да се подготвиме за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава“, изјави Таравари за албанската телевизија МЦН

Два дена по поднесувањето оставка од позицијата министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците (АА), во изјава за албанската телевизија МЦН, појасни зошто неговата партија ги напушти Владата и коалицијата ВЛЕН.
Тој рече дека коалицијата ВЛЕН е игнорирана од остатокот од Владата, а Алијанса за Албанците не е навикната да биде само декорација.
„Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати во Владата да бидеме само декорација. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните, да разговараме со нив, за да се подготвиме за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава. На пет месеци сме пред локалните избори и мислам дека партијата треба да се мобилизира бидејќи за нас е многу важно да извојуваме победа“,
рече Таравари.
Според Таравари, имале зацртани точки што ги ветиле, а не успеале да ги остварат. Тој потенцира дека по првпат имало влада со четири албански партии, но дополни дека во последно време имало дискоординација што ја искористила, како што рече, најголемата македонска партија во Владата, ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера првиот вицепремиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека Владата има стабилно мнозинство и по заминувањето на Арбен Таравари и дека се во тек преговори со пратеници од „Европскиот фронт“, кои се во опозиција, за нивно приклучување кон владејачкото мнозинство.