Повеќе од 60 новинари, сниматели и фоторепортери тргнаа во рани зори од Скопје кон Преспа за да известуваат од „историскиот настан“. Интересот разбирливо беше голем – потпишувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција ќе остане долго запаметен ден во професионалните кариери на овие луѓе. Тежината на настанот се споредуваше со потпишувањето на Рамковниот договор.
„Оттука единственото чувство што можам да го издвојам е чувството на надеж дека веројатно доаѓаат подобри времиња. Ова е сепак прв чекор од процесот, останува уште многу работа. За да го добие епитетот „историски“ веројатно ќе треба да почекаме уште малку, но мислам дека првиот чекор е исклучително важен.“ – вели новинарот Борис Георгиевски.
По поминувањето на границата и влегувањето на грчка територија добивме полициска придружба. По пат ни стана јасно и зошто. Веќе започнале подготовки за протест против потпишувањето на Договорот. Силно полициско обезбедување имаше се до брегот на Преспанското езеро. По речиси шест часа патешествие и во Псарадес или Нивици, како што е словенскиот топоним за селото, не дочекаа силни безбедносни контроли.
„Сепак имам малку, не паника, туку малку трема. Толку голем настан како ќе и го презентираме на јавноста во Македонија. А како новинар ова навистина ми е еден од најважните настани и навистина е чест и убаво доживување – да се известува од толку голем настан.“ – рече новинарот Горан Трпеноски.
Псарадес е мало рибарско и туристичко село на грчката страна од Преспа – вообичаено мирно и тивко. Но, стотиците медиумски екипи, вчера барем на неколку часа, го направија најважното место на Балканот, од кое тргнува решавањето на проблем стар речиси три децении. Во метежот од јавувања во живо и новинарска битка за добивање информација повеќе, успеавме да поразговараме и со грчки колеги.
„Се надевам дека нашите деца и внуци ќе се сеќаваат на овој ден како ден на кој животот на двата народи станал подобар.“ – вели новинарката од Солун, Ѓорѓа Лоцопулу.
„Тоа ќе може да се види по неколку години, дека луѓето кои живеат во Северна Македонија и во Грција ќе имаат подобри односи, подобра соработка, и секако развој, не само во односите, туку и во економскиот статус.“ – смета грчкиот новинар Спирос Сидерис.
За колегите од Бугарија, присутни во Нивици, беше значајно што настанот се случува за време на претседавањето на нивната земја со Европската унија.
„Мислам дека за нас новинарите допрва претстои работа. Потпишувањето е само првиот чекор од решавањето на овој спор. Има многу тешки процеси кои треба да се случат во Македонија за да се смени името и да биде решен спорот. Сигурна сум дека претстојат тешки процеси и во Грција, така што, ова е добра вест, но се уште не е завршен целиот процес.“ – смета новинарката од Бугарија, Тоне Димитрова.
Видно расположени пристигнаа претставниците на Европската унија. Медијаторот Метју Нимиц токму на својот роденден го прослави и врвот во својата кариера. Шефот на грчката дипломатија беше во елемент. „Среќен роденден Нимиц!“ – извикуваше Коѕијас пред присутните, а ги натера и да му запеат роденденска песна.
Впечатлива беше глетката на приближување на глисерите со кои во Псарадес пристигна македонската делегација.
И додека траеше церемонијата, езерската дипломатска флота се подготвуваше да ги префрли македонската и грчката делегација на другиот брег.
Запловија кон селото Отешево на македонската страна од Преспанското езеро и можеби се надеваа дека следните фази од процесот ќе бидат мирни, како што беа мирни езерските води. Но и двете страни во следниве неколку месеци ги очекуваат многу предизвици, па речиси сигурно следува разбрануван политички период.
Поддржувачите на веќе потпишаниот договор ги искористија примамливите таверни и убавото време во Нивици. Се мезеше „грчка“ и се пиеше узо. Домаќините не криеја дека имаат и ракија.
„Верувам дека ова е начин да се прослави и да им се покаже на народите од двете земји дека дојде нова ера на просперитет која ќе го стабилизира регионот.“ – изјави Константинос Филипидис кој е претседател на Асоцијација на активни млади на Флорина.
Нивици е село со 80-тина жители. Куќите се со специфична архитектура и повеќето се обновени за да привлечат туристи.
Анастасиос Диманопулос кого го викаат Тасо, како и повеќето овдешни жители, е рибар, а издава и соби. Добро го зборува локалниот дијалект и го поддржува Договорот за името.
„Најдоброто нешто што требаше да се направи пред многу години. Ова е нешто историско. Да се запознаат луѓето едни со други. Најдобро нешто што треба да се запише во историјата на Балканот. Сите на Балканот треба така, во сите држави, за да си поминеме убаво.“ – вели Диманопулос.
За разлика од него, останатите жители не беа расположени за разговор, иако го прошетавме целото село. По нашите повици, една жена ја подотвори вратата од својата куќа: „Јас денеска не ни излегувам од дома“ – рече таа.
По час-два селото речиси се испразни. И додека се подготвувавме за да заминеме, грчката делегација по воден пат се врати во Нивици – местото во кое го потпишаа договорот. Грчкиот премиер Алексис Ципрас раскажа дека во Отешево, на македонскиот брег на езерото, имало празнична атмосфера, а неговиот колега Зоран Заев бил воодушевен.
„Дојдоа и голем број негови пратеници и личеше малку како свадбена трпеза.“ – се пошегува Ципрас.
Но, тој си замина од селото по безбеден пат, а десеттина новинари од Македонија со часови останаа заглавени во него. Полицијата не дозволуваше да тргнеме кон Македонија затоа што патот бил блокиран поради протестите против потпишувањето на Договорот.
За среќа, со грчката делегација преку езерото се врати и претставник на македонската Влада со чиј ангажман успеавме да го напуштиме „историско“ Нивици.
Напишете коментар