Денешниот официјален почеток на изборната кампања за претседателските избори значи дека е дозволено на билбордите покрај булеварите да се појават ликовите на кандидатите за претседател на државата
Но, тоа не го означи и почетокот на објавување на политички пораки во јавниот простор. Такви пораки, но без имиња и лица на кандидати, изминатите недели беа видливи на дел од билбордите
Плакати со ликовите на дел од седумтемина претседателски кандидати утринава осамнаа на билбордите во центарот на Скопје, означувајќи го официјалниот старт на изборната кампања за првиот круг од изборите за шеф на државата што ќе се одржат на 24 април.
Па, кои им се слоганите?
Актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, настапува со слоганот „Нашиот претседател“, а на билбордите е испишан редниот број во гласачкото ливче и неговото име, Стево, без презимето. Името е напишано со ракописни букви, односно делува на своерачно напишана порака.
Кандидатката на најголемата опозициска партија и најсериозен противкандидат на Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, настапува под слоганот „Македонија повторно горда“. И кај неа е истакнат бројот на гласачкото ливче и текст – Гордана за претседател. Без презимето.
Најкреативен во играта со зборови засега е кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Неговиот слоган е – Максимум за Македонија, при што буквите „Максим“ во зборот Максимум се во една боја, а буквите „ум“ во друга боја. Односно кованицата на двата збора Максим и ум, дава нов збор – Максимум. И кај него е истакнат редниот број на гласачкото ливче, заедно со текстот – Максим Димитриевски за претседател.
Низ Скопје најдовме билборди и со пораките на кандидатите за претседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, и на коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари. Барем на тие билборди што ние ги регистриравме заедничко им е беше што пораките беа испишани само на нивниот мајчин јазик, албанскиот.
Слоганот на Бујар Османи е составен од три збора „искуство, искреност, посветеност“. Напишани се под неговото име и презиме и редниот број на гласачкото ливче. Со големи букви, е напишана уште една порака – Европски претседател, а околу неговиот портрет се забележуваат ѕвезди налик оние на знамето на Европската Унија.
Пораката на кандидатот на коалицијата на опозициски партии на Албанците, Арбен Таравари, е поедноставна. На билбордот има три збора – Таравари, Претседател и Вреди. Вреди е името на коалацијата која стои зад неговата кандидатура. Се разбира, тука е редниот број на гласачкото ливче.
Барем денеска, по булеварите низ кои направивме обиколка, не наидовме на билборди на кандидатите Билјана Ванковска-Цветковска зад која стои Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Првиот круг гласање на 24 април
Билбордите се само еден сегмент со кој седумтемина претседателски кандидати, од денеска, и официјално ја стартуваат кампањата за првиот круг од изборите за шеф на државата. Почетокот на кампањата е на точно 20 дена од гласачкиот ден, 24 април, а ќе трае до полноќ на 22 април, по што започнува дводневниот изборен молк.
Денешниот официјален почеток на изборната кампања за претседателските избори не го означи и почетокот на објавување на политички пораки во јавниот простор. Такви пораки изминатите недели беа видливи на голем дел од билбордите, барем во главниот град, а слични пораки партиите споделуваа и на социјалните медиуми.