Во модерното печалбарство летото е период кога трендовите се најлесно видливи. Населените места во Македонија се полни со автомобили со странски таблички на нашинци во посета на родниот крај. Но, летото е сезона кога се регрутираат и многу нови печалбари, особено во земјите со развиен туризам.
Во последно време хит дестинација во последно време за работа е Малта. Неофицијалните статистички податоци со кои располагаат туристичките агенции кои посредуваат за работа, говорат дека 4.000-5.000 Македонци во последните неколку години, решиле да ја побараат среќата во оваа островска земја. „360 степени“ директно од скопскиот аеродром со слика ве сели во Малта: да видиме што работат и како живеат Македонците таму?
По само еден час на небо, го допревме тлото на Малта. За време на необично долгото чекање на пасошка контрола на граница на ЕУ, слушнавме гласини дека навалата на Балканци без европски документи, придонела за заострени проверки при влез во Малта. Се бараат поголема сума кеш како основа за туристички престој и адреса за престој. Дури потоа доаѓа срдечното: Дојдедојдовте во Малта.
А, Малта – остров во Медитеранот, со своите 450 илјади жители на само 316 квадратни километри е една од најгусто населените држави. За споредба, Малта има речиси сто пати помала територија од Македонија, но дури 20 пати е погусто населена од нашата земја. Собира илјадници туристи и работници од целиот свет преку цела година. Голем дел од нив се Македонци, некои сезонски, а некои доселени и на подолго. Таков е примерот на Антигона Дамевска, која пред 3 години дошла да го посети својот брат, но оттогаш не се вратила дома.
– Последните години пред да дојдам во Малта имав свој салон во Скопје, истата работа ја работев и таму, беше добро не дека не, нели нашата бранша секаде ја има и секаде е барана, но животот тука е сосема друг и порастеретен, не размислуваш многу за проблемите и за политичката ситуација тука. Убаво се работи убаво се заработува, во Македонија само моментално размислувам само на гости да одам и на одмор, вели Антигона Дамевска.
За разлика од други земји во ЕУ, процедурата за вработување во Малта, и со македонски пасош, се чини поедноставна. Трае околу еден и пол месец, а започнува со поднесување документи во малтешкиот Завод за вработување. Прво се добива син картон за легален престој, но не и за вработување, за што услов е добивање лична карта за странци. Откако ќе се земе и овој документ, може да се излезе од црната зона и да се работи легално.
Овој пат планира да го помине и 27–годишната правничка од Скопје, Марија Николова, која минатата година дошла туристички да подготви терен, за годинава да остане подолго. Ја сретнавме во кафуле чиј газда е од Македонија, единствено вакво во Малта.
– Почнав да чувствувам дека секој ден поминат во Македонија ја навредува мојата интелигенција. Македонија стана невротично општество, нездраво општество за живеење, бесперспективноста, неказнивоста, криминалот, едноставно Македонија стана премногу лошо место за живеење и сметам дека тоа не можат да го надокнадат ни високи плати, смета Николова.
Работа во хотели, ресторани, спа-центри, но и сметководство, ревизија и во ИТ секторот. Ова е спектарот на области во кои најчесто работат македонските државјани во Малта. Во туризмот платите стигнуваат и до 1.300 евра месечно, а во финансискиот сектор и програмирање одат и над 2.500 евра. Сепак, голем проблем се високите кирии за стан, бидејќи за помалку од 800 евра, тешко се наоѓа до пристојно живеалиште. Но, Зоран Дамевски и Мирослав Јанески, и двајцата хаусмајстори во хотел, имаат различнo искуствo.
– Работам, 20 месеци сум овдека, доста сум задоволен и од хотелот, доста добро сум примен тука, задоволен сум и од платата, комотно живеам плаќам кирија односно стан, и сум релативно позадоволен од Македонија, вели Дамевски.
– Единствен проблем што го имаме тука е сместувањето, кириите се многу високи за нас, да живееш сам во стан. Ќе видиме, ако исполниме некои услови можеби ќе останеме, тука да бидиме да побараме да си купиме некое сместување, смета Јанески.
Решивме да ја слушнеме и другата страна на приказната. Каква е перцепцијата на малтешките газди за Македонците? Шарлот Абела, кој е сопственик на неколку комплекси хотели и апартмани, признава дека тешко се наоѓаат добри работници. Споделувајќи го искуството со работна сила од целиот свет, вели дека има позитивна слика за Македонците, па затоа негов избор се најчесто тие.
– Нивното однесување многу наликува на нашето, повеќето од нив 95 насто од нив имаат ист менталитет, многу се вредни. Денеска е полесно да добиете документи за нив, но оние што ги имам овде планираат да останат долг период. Можеби нема да останат цел живот, но повеќе години сигурно, е ставот на овој малтешки бизнисмен.
Но, има и такви чии планови за иднината веќе се врзани за Малта. Една од нив е Весна Витанова, која речиси цел живот се занимава со фудбал, а во Малта е тренер на аматерска машка фудбалска екипа.
– Можеби економски е поразвиена, но од другите страни кога видам како функционираат банките, какви патишта имаат и сите други работи, е многу поназад од Македонија, но сепак социјалниот пристап и други работи им се беспрекорни. Доколку двајцата родители работат и се пријавени и плаќаат социјално, ги следува бесплатно згрижување на детето во градинка од 3 месеци па натака. Училиште и факултет се бесплатни, раскажува оваа струмичанка.
Од разговорите со нашинците дознавме дека функционирањето како една заедница е тешко остварливо, бидејќи политиката ги разединува Македонците дури и во Малта.
– Ние секаде сме поделени. Во Македонија се поделивме политички, и тука дојдовме се поделивме да не кажам политички, но така личи. Има групи во кои си помагаме си споделуваме искуства, дури и си помагаме така лично, но има и други групи кои се со друга цел формирани да створат приходи за самите себе, но тоа е нивен избор, ние знаеме кој што е, како е, бидејќи Малта е мала, оценува Јаневски.
Постојат две регистрирани здруженија на Македонци. Едното е блиско до конзервативните обединети здруженија од дијаспората. Со нив не успеавме да стапиме во контакт. Другото е Форум за демократска Македонија, кое се формираше по движењето „Протестирам“. Дел од оваа група е и Игор Филевски, во домашната јавност попознат како Филе Топки, кој веќе 4 години е стациониран на Малта.
– Она што би рекол друго во однос на функционирањето на Форум за демократска Македонија е дека ние сакаме да го воспоставиме тој однос, помеѓу Македонците во Македонија и ние кои сме иселеници, да помогнеме пробоно максимум во сите можни аспекти, да ја шириме таа култура помеѓу Македонија и Малта. Другата организација мислам дека повеќе има бизнис и гледа бизнис низ тоа, ќе слушнете еве и јас сум слушнал дека носат работници од Македонија, како и колку ги носат, не знам искрено не би било добро да зборам, но тоа што знам е дека тоа се правила и принципи што не се баш по сите критериуми, вели Филевски.
Дури и неодамнешната посета на премиерот Зоран Заев на Малта помина во разединувачки амбиент на македонската дијаспора. Претставници на едното здружение ја напуштија средбата со премиерот, откако соопштија дека се против промена на името, додека од Форумот за демократска Македонија дадоа поддршка за решавање на спорот и забрзување на интегративните процеси.
Иако Заев уште тогаш најави, од македонското МНР не откриваат до каде е постапката за отворање конзуларно претставништво во Малта, каде според проценките се иселиле близу 10.000 македонски државјани.
Напишете коментар