Според Алиу, салите се со светски квалитет и имаат гаранција од сто години на нивната инфраструктура. Тие се мобилни, а во нив ќе може да се вгради и телемедицина, со цел, како што рече, да може да има асистенција однадвор и да се овозможи учење од далечина, за да може студентите од амфитеатар да ги следат операциите, а не да бидат физички присутни во операциона сала
Шест операциони сали се комплетно реновирани на Одделот на за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), на Клиниката за урологија и на Клиниката за детска хирургија. Во наредниот период, се очекува да бидат реновирани уште четири хируршки сали.
Проектот за реконструкција на вкупно 10 операциони сали е во вкупна вредност од 282 милиони денари или над 4,5 милиони евра.
Реконструкцијата се реализира во два дела со цел да не запре пружањето здравствена заштита во терцијарното здравство и да нема притисок врз листите за чекање за оперативен зафат.

На настанот за пуштање во употреба на реновираните сали присуствуваа собранискиот спикер Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за здравство Азир Алиу, директорот за Фондот за здравствено и пензиско осигурување Сашо Клековски, како и директори и доктори од Клиничкиот центар во Скопје.
Со реновираните операциони сали, според директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски, се добива оперативен блок со светски стандарди, со што младите доктори специјализанти што се праќаат на обука во странство ќе можат да работат во истите услови во кои работат светските доктори.
Со новите методи, апаратури и оперативни сали, како што рече, се качуваме на ниво на светската мапа на здравствениот систем.
Дел од проектот, според доктор Мерџановски, е и нова хируршка сала во Ургентниот центар која треба да помогне да се зголеми бројот на еднодневни операции.
„Таа сала ќе се користи и за пациенти што имаат инфекции и на кои треба да им се извршат ампутации на одредени екстремитети. Тие пациенти се ‘шетани‘ низ државата, а сега ќе имаме можност да бидат комплетно изолирани надвор од хируршкиот блок и да се работат во одделна сала каде нема да ги загрозат другите пациенти што треба да се оперираат“,
рече тој.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека за неколку месеци ќе треба да бидат пуштени и останатите четири операциони сали, а на почетокот на летото се надева дека ќе се заврши и проектот во болницата „8 Септември“, каде, како што додаде, ќе има модерни сали.
„Со тоа, ќе бидеме практично држава број еден во регионот кога станува збор за ваков тип операциони сали. Во здравството има многу работи што треба да се прават, но потребни се и фундаментални промени, како во менталитетот на политичарите, рака и во менталитетот на вработените. Здравството останува еден од врвните приоритети на Владата“,
кажа тој.
Министерот за здравство Алиу вели дека салите се со светски квалитет и имаат гаранција од сто години на нивната инфраструктура.
„Салите се мобилни, а во нив ќе може да се вгради и телемедицина, со цел да може да има асистенција од надвор и да се овозможи учење од далечина, за да може студентите од амфитеатар да ги следат операциите, а да не бидат присутни физички во операциона сала“,
рече тој.
Од преостанатите четири сали што треба да бидат реновирани, три се на Клиниката за дигестивна хирургија, а една е на Ургентниот центар, што ќе биде наменета за еднодневни операции.
Според Алиу, во тек е процесот за вработување 300 доктори што ќе бидат дел од здравствениот систем.
На прашањето дали очекува со владината реконструкција да биде сменет од функцијата министер за здравство, Алиу рече дека не сака да губи време во размислување на таа тема, туку се фокусира на работата.
