Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов, вели дека реновирањето на најавените сали и болницата ќе оди сенквенционално и во ниту еден момент нема да има две болници во кои нема ништо да функционира
Реновирањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), на хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје и на Градската општа болница „8 Септември“, ќе се одвива постепено и етапно, со план што нема да се рефлектира врз пациентите. Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека веќе од следната недела ќе почне реновирањето на КАРИЛ, кое треба да трае шест месеци, а од 1 април до средината јуни ќе се работи на реконструкција на хируршките сали во Клиничкиот центар. Потоа, ќе се работи на болницата „8 Септември“, кое треба да заврши за три-четири месеци.
Од денешната прес-конференција на министерот за здравство Арбен Таравари / Фото: Принтскрин
Според Таравари, целиот процес на реновирање на овие болници, нема да има последици по пациентите.
Во однос на тоа кој ќе го понесе целиот товар на пациентите во текот на реновирањето, како што додаде министерот, екипи од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, од „Септември“ и од Клинички центар ќе бидат постојано во комуникација.
Со заокружување на овој процес, салите на Клинички, КАРИЛ и „8 Септември“, ќе добијат модерен изглед со нови стандарди.
„За пет-шест месеци сите овие овие сали ќе бидат реновирани и ќе изгледаат онака како што треба да изгледа една модерна хируршка сала. Во ‘8 Септември‘ нема да има само хируршка сала, туку интензивна нега, нова лабораторија, нови микробиолошки лаборатории. Тоа се повеќе простории. Не ја знам квадратурата за реновирање, но мислам дека е некаде околу пет-шест илјади квадратни метри“, вели тој.
Посочи дека еден од приоритетите на Владата е реновирање на хируршките сали во „8 Септември“, оти Клиничкиот центар не може да го покрие цело Скопје.
„Многу ни се важни и ‘8 Септември‘ и Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски‘ (поранешна Градска болница)“, рече министерот.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов, вели дека реновирањето на најавените сали и болницата ќе оди сенквенционално и во ниту еден момент нема да има две болници во кои нема ништо да функционира.
„Операционите сали на Клиничкиот центар ќе функционираат, единствено ќе биде намален бројот на интензивните кревети. Оној вишок на пациенти што би требало да се хоспитализираат во интензивните неги ќе се распределува во ‘8 Септември‘, во ‘Св. Наум Охридски‘ и на Клиниката за неврохирургија. Во ниеден момент нема да имаме две болници во кои ништо нема да функционира. Како ќе се завршува со реновирање на еден ден, така ќе продолжува реновирањето на друг дел. Покриеноста ќе биде соодветна за населението што го покриваат овие три болници“, рече Настов.
Таравари најави и дека во петок ќе биде пуштен во употреба одделот за интензивна нега на Инфективната клиника.
„Три хируршки сали се веќе реновирани на Клиничкиот центар и тие ќе функционираат цело време. Десет се реновираат сега. Се е планирано и се надевам дека нема да има некакви тешкотии или проблеми. Сè е под контрола“, рече тој.
Реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“ премиерот Мицкоски ја најави и вчера кога рече дека средствата во висина од 12 милиони евра се од проектот ТАВ. Тој додаде дека административно се е потврдено, поминато е на Влада и дека договорите се потпишани.