Се очекува денеска кандидатурата за лидер да ја поднесе и актуелниот заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој се смета за фаворит на Заев за негов наследник
Фросина Ременски, поранешна потпретседателка на СДСМ, која веќе не е дел од партиското раководство, денеска поднеле кандидатура за претседателка на партијата, по распишувањето на вонредните внатрепартиски избори откако Зоран Заев поднесе оставка.
Тоа е првата кандидатура за нов претседател на СДСМ откако минатиот петок Централниот одбор на партијата ги распиша непосредните избори, по констатирањето на оставката на Заев, кој беше на чело на партијата од 2013 година, во два мандати, додека од третиот мандат истера само осум месеци.
Од Изборната комисија на СДСМ потврдија за „360 степени“ дека досега во партиското седиште пристигнала единствено кандидатурата на Ременски, која, по претседателските избори во 2019 година, не остана на списокот на потпретседатели на партијата, кога Заев постизборно најави големи кадровски промени (односно „метла’) во партиското раководство и во извршната власт. Нешто подоцна таа беше осомничена, па обвинета за случајот „Меѓународен сојуз“, за што сѐ уште се води судскиот процес. Ременски не е дел од новото раководство на СДСМ, кое беше избрано на годинешниов конгрес и не е пратеничка во актуелниот состав на парламентот.
Во претходниот собраниски состав, како пратеничка на СДСМ, таа беше потпретседателка на парламентот, а пред парламентарните избори во 2016 година беше министерка за труд и социјална политика во првата преодна влада, што се формираше согласно со договорот од Пржино.
Се очекува денеска кандидатурата за лидер да ја поднесе и актуелниот заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој се смета за фаворит на Заев за негов наследник.
Од Изборната комисија на СДСМ велат дека сѐ уште не е затворен избирачкиот список за претстојните вонредни внатрепартиски избори, кои ќе се одржат на 12 декември, затоа што тече процесот на активна регистрација на членството.
Во саботата почна постапката за кандидирање и за организирање на внатрепартиските избори во СДСМ, која е отворена до 3 декември, односно до задутре, а кандидатурите може да се поднесуваат од 8 до 16 часот.
Според Правилникот на СДСМ за критериумите и постапката за кандидирање и за избор на претседател, за лидерската позиција може да се кандидира лице што најмалку пет години е член на партијата и најмалку еднаш бил избран на конгрес за член на некој од партиските органи, како за претседател, заменик-претседател, генерален секретар, член на Централниот или на Надзорниот одбор.
Ременски изјави денеска дека се кандидира за претседателка на СДСМ, имајќи го предвид нејзиниот досегашен општествено-политички и партиски активизам, во, како што вели, денови и време кога СДСМ беше соочен со тешка опозициска состојба, кога носеше сериозни државотворни одлуки и кога се бореше да го задржи единството во партијата.
„Денеска, предавањето на мојата кандидатура има и еден друг симболизам. Кандидатурата ја предавам во 16-те дена женски активизам за борба против насилството врз жените во политиката и генерално родово базираното насилството, дискриминацијата, говорот на омраза и нетолеранцијата. Ја очекувам поддршката од социјалдемократите, моите колешки во рамки на партијата и секако од сите членови кои го знаат мојот карактер, мојата конзистентност во ставовите и сето она што е даден придонес во една заедничка борба и соработка во изминатите години. Очекувам овој период СДСМ да го искористи за вистинско обединување на членството, за консолидација на партиските редови, за намалување на разликите помеѓу одредени структури во рамките на партијата, затоа што многу е важно каква визија ќе промовираме. Мојата визија за СДСМ за следните пет години е победник во сите процеси пред кои е исправен и само така со таква визија и стратегија може да се постигне максимум во она што значи партиско организирање“,
рече Ременски.
Во врска со наводите дека Ковачевски е фаворитот на актуелното раководство на СДСМ, Ременски вели не би рекла дека сѐ е јасно.
„Секако дека мојот колега и драг пријател има веќе изразена поддршка во Владата, со оглед на тоа што е и дел од владиниот кабинет. Тоа е секако за разбирање. Не мислам дека ова би била борба на спротивставени идеи, туку натпревар на умови, а секогаш кога умовите ќе се соединат за една иста цел и за општо добро на државата и граѓаните, резултатот не може да изостане. Секако секој кандидат кој влегува во некаква трка, алудира на победа. Јас воопшто не гледам дека оваа моја кандидатура нема да резултира со сериозен резултат кој ќе значи и сериозен импакт во понатамошните политички и партиски одлучувања“,
рече Ременски.