Регионот се соочува со рекордни бројки на новозаболени и починати лица како резултат на ковид-19. Состојбата драматично се менува и во Србија и во Хрватска, но и во Бугарија и во Босна и Херцеговина.
Во земјава денеска беа регистрирани 205 нови заболени од 1 728 тестирања, починаа шест лица, но има рекордна бројка на оздравени, вкупно 336 лица. Заклучно со денешната статистика, во земјава дијагностицирани со ковид од почетокот на епидемијата се 7 777 лица, а бројката на оздравени е 3 960 и починати се вкупно 368. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 3 449 лица.
Во Србија во последните 24 часа се регистрирани 386 нови случаи на ковид-19 и рекорден број на починати, вкупно 18 лица. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на вонредна прес-конференција денеска рече дека во моментот 130 лица се на респираторни машини. Таа рече дека најкритична е ситуацијата во Белград, Крагуевац и Нови Пазар.
„Ќе ја следиме состојбата и понатаму, и ќе дејствуваме со адекватни мерки. Оваа состојба е без сомнеж резултат на нашето однесување и недисциплината од пред пет или шест дена. Резултатот од собирите на протестите ќе го видиме за три или четири дена. Повторно замолувам, односно ве преколнувам да се држиме строго до сите мерки“,
рече Брнабиќ.
Во Хрватска денеска се регистрирани 116 нови заболени со ковид, што е рекорден број за оваа земја од почетокот на епидемијата досега, а воедно е првпат бројот да е трицифрен. Во моментов во Хрватска има 1 038 активни случаи на новиот коронавирус. Две лица починаа во последните 24 часа.
Во Босна и Херцеговина во изминатово деноноќие се регистрирани 316 нови случаи на ковид, што е исто така рекорден број на заразени во еден ден од почетокот на епидемијата во земјата. Починаа две лица во изминатите 24 часа, вкупно досега се регистрирани 216 смртни случаи поврзани со ковид-19. Досега дијагностицирани со ковид-19 во Босна и Херцеговина се 6 402 лица од кои 3 037 се оздравени.
Во соседна Бугарија регистрирани се 330 нови случаи на коронавирус од 3 686 тестирања. Во моментов во Бугарија се потврдени 6 672 случаи на ковид-19, од кои 3 181 се активни. Оздравени се вкупно 3 229 пациенти.