До вчера гласале повеќе од 22 милиони Американци, лично или по пошта, во споредба со 2016 година, кога во исто ова време, гласале 6 милиони граѓани
Речиси двојно е поголем бројот на регистрирани гласачи кај демократите во споредба со републиканските гласачи
Рекорден број гласачи досега го дадоа својот глас на претседателските избори во САД, во тнр. процес на рано гласање во пресрет на денот на денот на изборите – 3 ноември.
Според изборната комисија, до вчера гласале повеќе од 22 милиони Американци, или лично или по пошта, во споредба со 2016 година, кога во исто ова време, гласале 6 милиони граѓани.

Експертите велат дека ваквата излезност на предвременото гласање може да и се припише на пандемијата, бидејќи многумина бараат алтернативен начин за гласање.
Во вторникот, Тексас, држава што има релативно строги критериуми за тоа кој може да гласа по пошта, постави рекорд во однос на бројот на гласачки ливчиња испратени на првиот ден од предвременото гласање.
Во понеделникот, на државниот празник Ден на Колумбо, официјални претставници во Џорџија објавија дека гласале 126 876 лица – што е државен рекорд.
Во Охајо, една од одлучувачките држави на изборите, биле поделени повеќе од 2,3 милиони ливчиња за гласање по пошта, што е двојно повеќе од 2016 година.

Според извештаите, бројот на регистрирани демократи за гласање досега го надминува бројот на пријавени републиканци – односно досега кај демократите се поделени двојно повеќе гласачки ливчиња. И на ова предвремено гласање, демократите, жените и Афроамерикансите се најбројни гласачи. Некои, како пто изјавуваат за медиумите се мотивирани од револтот кон Доналд Трамп, додека други се поттикнати од протестите за расна еднаквост, кои беа поттикнати од убиството на Џорџ Флојд во Минесота.
Огромниот број гласачи создадоа долги редици, при што некои чекале и по 11 часа за да гласаат.
Помладите луѓе, кои традиционално во најмал процент се појавуваат на предвременото гласање, оваа година се во многу поголем број. Според некои податоци, бројот на младите гласачи можеби е најголем од 2008 година кога гласаа за Барак Обама – првиот Афроамериканец претседател на САД.
Но, оваа рана предност за демократите не значи дека тие можат сметаат на победа. Републиканците, кои тврдат дека гласањето по пошта може да се користи за изборна измама, велат дека демократите можеби ќе победат на предвременото гласање, но затоа републиканците ќе имаат многу поголема излезност на денот на изборите.
Според студија на Бренан центарот за правда од 2017 година, процентот на изборна измама во САД е помеѓу 0.00004% и 0.0009%.