На годишно ниво речиси сите категории бележат пораст, а најмногу цените на транспортот
Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка во Хрватска во мај годинава се зголемиле за 10,8 отсто во однос на истиот месец во 2021 година, соопшти денеска хрватскиот Државен завод за статистика, пренесува Индекс.хр
Во мај инфлацијата продолжила да се забрзува, а највисока годишна стапка на инфлација во Хрватска досега била забележана минатиот месец, од 9,4 отсто. Пред април 2022 година инфлацијата била највисока во јули 2008 година, кога била 8,4 отсто. Најголемо поскапување е забележано кај транспортот и храната.
Во март годишниот раст на инфлацијата бил 7,3 отсто, во февруари 6,3, во јануари 5,7, во декември 2021 година 5,5 отсто, во ноември 4,8, во октомври 3,8, а во септември лани 3,3 отсто, додека првиот позначаен пораст на стапката на инфлација бил забележан лани во април, за 2,1 отсто.
Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, пресметани преку индексот на цени за широка потрошувачка, исто така, пораснале на месечно ниво и во мај биле во просек за 1,4 отсто повисоки од април, додека цените биле во просек за 5,4 отсто повисоки на годишно ниво, пишува во извештајот на ДЗС.
На годишно ниво речиси сите категории бележат пораст, а најмногу транспортните цени, кои се зголемени за 19 отсто. Следуваат храната и безалкохолните пијалаци со раст од 15,2 отсто, потоа рестораните и хотелите со 12,1 отсто, потоа категоријата мебел, покуќнина и редовно одржување на домаќинствата која бележи скок од 11,7 отсто, а потоа категоријата домување, вода, струја, гас и други горива, со раст од 9,2 отсто.
Исто така, облеката и обувките бележат пораст од 8,9 отсто, рекреацијата и културата за 6,6 отсто, во категоријата разни стоки и услуги за 6,2 отсто, а на алкохолните пијалаци и тутунот се зголемиле за 1,4 отсто.
Единствен пад на цените на годишно ниво бележат комуникациите, за 0,4 отсто.