Едната е воведување на зелен сертификат за имунизираните лица, кои ќе можат да посетуваат ресторани и кафулиња и најверојатно ќе биде воведена за лекарите, медицинските сестри, социјалните работници и наставниците, но не и за учениците
Според податоците во Националниот информативен систем, во последните 24 часа во Бугарија има 4 979 новозаразени со ковид-19. Ова претставува 18,6 отсто од бројот на направените тестови.
Бројот на нови пациенти во болниците е многу висок – 1 251, при што 89,21 отсто од нив не се вакцинирани. Важен детаљ е дека 84,23 проценти од позитивните примероци за вчерашниот ден не се вакцинирани. Рекорден е и бројот на починати во последното деноноќие – 214, при што 94,39 отсто биле невакцинирани против ковид-19.
Досега се потврдени вкупно 545 598 случаи на коронавирус во Бугарија, од кои 63 241 се активни.
Вкупниот број на смртни случаи во Бугарија од ковид сега изнесува 22 488. Вкупниот број на пациенти со докажана инфекција со коронавирус во болниците е 6 258, од кои 537 се на одделенија за интензивна нега.
Министерот за здравство на Бугарија, Стојчо Кацаров, размислува за воведување дополнителни рестриктивни мерки, од кои едната е воведување на зелен сертификат за имунизираните лица, кои ќе можат да посетуваат ресторани и кафулиња. Истата мерка најверојатно ќе биде воведена за лекарите, медицинските сестри, социјалните работници и наставниците, но не и за учениците.