Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува спремност да врши мониторинг на платеното политичко рекламирање и на интернет порталите, како за телевизиите и радијата, ако регистарот на професионални онлајн медиуми што треба да биде воспоставен со најавените измени на Законот за медиуми, влезе и во Изборниот законик

Под услов само порталите кои се дел од регистарот што ќе го води АВМУ да може да користат средства од платено политичко рекламирање од државата, има логика Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да врши мониторинг на платеното политичко рекламирање, вели директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, во дебата на тема регулација на интернет порталите во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Трајчевски дополнува дека доколку се направи измена во Законот за медиуми, а Изборниот законик остане ист како досега и со тоа се овозможи на кое било лице со портал во земјава или во странство да учествува во изборниот процес и да добива државни пари, тогаш се губи и смислата на евентуалниот мониторинг на регистрираните онлајн медиуми бидејќи само за парламентарните и претседателските избори во земјава кои се одржаа во 2024 година, во актуелниот регистар биле запишани 39 телевизии, 38 радио станици и 11 печатени медиуми, наспроти 251 онлајн медиум.
„Кој има капацитет да врши мониторинг на 251 медиум?! Доколку станува збор за професионални онлајн медиуми кои ќе бидат во регистарот, тогаш има смисла да се врши мониторинг, бидејќи истата ситуација е и во 2021 г. кога имало 195, 2020 година – 235 онлајн медиуми… Значи, не постои човечки потенцијал кој може тоа да го покрие, а притоа ние правевме мала анализа и многу портали кои се регистрирани за време на изборите, веднаш по нивното завршување, не можеме да им пристапиме оти не постојат, а дел, бидејќи се регистрирани во Албанија, Косово, Србија, Данска, доаѓаат тука во Централен регистар и регистрираат дејност. Ако некој портал кој е од странска држава и добие овде за два саата можност за регистрација на фирма за вршење на медиумска дејност, доменот на кој се објавуваат не е воопшто од Македонија и не е на таа фирма која е регистрирана во Македонија, туку на таа што е регистрирана во таа матична држава и државата префрла пари на тие портали, тоа е апсурдно. Тоа е дури и странско влијание во спроведување на избори“,
рече Трајчевски.
Доколку регистарот на интернет портали влезе и во Изборниот законик, вели Трајчевски, ќе треба да бидат утврдени правила врз основа на кои ќе се врши мониторинг на платеното политичко рекламирање за време на изборите, а АВМУ да донесе методологија.
„Да повторам дека ставот на АВМУ е да има платено политичко рекламирање, а за тоа да си плаќаат партиите, а не државата, но ако нема политички слух да се смени во парламентот, тогаш да има јасни и строги правила кои ќе оневозможат да има злоупотреба на платеното политичко рекламирање од кого било. Во тој случај, да има строги правила бидејќи ние кога правиме мониторинг на телевизиите и радијата на коишто им ги мериме секудните, едноставно нема грешка во ниту една секунда и се додека ние не бидеме сигурни и не се усогласиме со медиумот за точното време на емитување, не даваме извештај до ДИК за тие да може да ги добијат парите“,
рече Трајчевски.

Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, вели дека и Здружението има конзистентен став дека пристапот со државно финансирање на политичките кампањи треба да се укине и оти во тој случај јавниот сервис би имал простор да ги нуди тие услуги на партиите без надомест, модел што веќе постои во Европа. При компаративна анализа на оваа тема, Секуловски рече дека се доаѓа до заклучок дека пристапот на агресивно трошење на граѓанските средства за политичко рекламирање полека се напушта од одредени демократии и токму затоа треба да се изнајде нов модел за ова прашање.
„Како некој што бил член во работните групи во Министерството за правда, бидејќи Изборниот законик е во надлежност на правда, во последните 10 години можам да кажам дека ниту една партија – ниту најмалата, ниту најголемата немале слух за укинување на овие средства и сега кога го има тој момент, конструктивен пристап е кога овие средства постојат, како да се искористат на начин на кој ќе има транспарентност и како да се избегнат моменти на потенцијална злоупотреба“,
рече Секуловски.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели оти не сака да се впушта во дебата бидејќи ова прашање е за ресорот правда, но оти неговиот став е дека Изборниот законик мора да биде донесен со консензус во Собранието.