Ако сметките за струја прикажуваат нереална потрошувачка, граѓаните може да поднесат претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), чија комисија за жалби ќе ги разгледува со приоритет.
Ваквото соопштение од РКЕ следи откако во изминатиов период добиле поплаки од потрошувачи за високи сметки за електрична енергија за еден месец, а во сметките за следниот месец стои само надоместокот за улично осветлување.
Од РКЕ исто така укажуваат дека потрошувачите можат самостојно ќе ги отчитаат броилата по што можат онлајн да ја пријавуваат состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија.
Од РКЕ исто така ги потсетуваат граѓаните дека ЕВН Хоме не смее да ги исклучува од системот за електрична енергија ранливите потрошувачи во месеците декември, јануари и февруари поради неплатени фактури за испорачана електрична енергија.
„Ранливиот потрошувач има можност за одложено плаќање или плаќање на минимум шест еднакви рати доколку има доспеан долг. Исто така, ранливиот потрошувач кој е заведен во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика има право од ЕВН Хоме да бара да биде ослободен од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема“,
посочуваат од Регулаторна.