Регистрирани се вкупно 23 пожари на отворен простор од кои 11 се активни, локализирани се два пожари, изгаснати се девет, а еден пожар е под контрола
До 19 часот вечерва, во земјава се регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор од кои 11 се активни, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Локализирани се два пожари, изгаснати се девет, а еден пожар е под контрола.

ЦУК соопшти дека активни пожари има во прилепско Бешиште, каде што гори мешана шума, во Македонски Брод меѓу селата Црешнево, Локвица и Слатина, каде што се зафатени дабова шума и грмушки, а активен пожар има и во село Самоков, исто така на територија на Македонски Брод, каде што гори лесно запалив материјал.
Ниска вегетација и жито се зафатени во пожарот во село Волино кон селото Ливада на територија на Дебарца – Струга, активен пожар има и во Општина Чашка под Солунска глава, а гори и помеѓу селата Блаце и Чучер и Кучевишка бара, сите во Општина Чучер Сандево, каде што се зафатени мешана шума и ниска вегетација.
Во селото Лубанци во Бутел, кавадаречкото село Крушевица и покрај автопатот Гостивар – Тетово е зафатена ниска вегетација, а во дојранското село Николич е опожарена нискостеблеста шума.
Под контрола е пожарот во штипско Врсаково, локализирани се пожарите во Делчево, каде што е зафатена градска депонија и во селото Ларце во Желино, каде што се опожарени ниска вегетација и грмушки.
Изгаснати се пожарите кај:
- Чучер Сандево – црква Св. Недела (ниска вегетација)
- Шуто Оризари – хотел „Њу Стар“ (депонија)
- Гази Баба – парк-шума „Гази Баба“ (ниска вегетација)
- Бутел – с. Лубанци (ниска вегетација)
- Пробиштип – с. Петршино (ниска вегетација и стрниште)
- Бутел – с. Визбегово (ѓубре)
- Велес – поранешна фабрика „Порцеланка“ (ниска вегетација)
- Росоман – с. Сирково (ниска вегетација)
- Липково – с. Никуштак (ниска вегетација)