Покрај активните осум пожари, од Центарот за управување со кризи информираат дека изгаснати се 19 пожари на територија на повеќе општини
Надежите се дека дождот што од утрово врне во повеќе делови од државата ќе придонесе во гаснењето на пожарите на отворено

Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира дека до 7 часот на територија на целата држава се регистрирани вкупно 27 пожари на отворено.
Од нив активни се осум, а изгаснати се 19.
Активен е пожарот на територијата на Општина Македонски Брод во повеќенаменското подрачје „Јасен“ каде што веќе подолг период гори мешана шума. Продолжува да гори и на територија на Општина Прилеп во атарот на селото Беловодица кај местото викано Ливада и атарот на селото Лењиште, каде што гори букова шума. Активен е и пожарот во Општина Долнени кај селата Стровија и Долгаец, а зафатена е мешана шума. Во Општина Росоман гори ниска вегетација кај селото Дебреште. Активен е пожарот на територија на Општина Кичево кај селото Душегубица каде што гори ниска вегетација и нискостеблеста шума. Гори и на територија на Општина Студеничани кај селата Горно Количани и Драчевица, планински врв Китка, каде што е зафатена мешана шума. Ниска вегетација гори кај селото Клуковец во Општина Велес. Последниот активен пожар е на територија на Општина Сопиште кај браната на Езерото Козјак каде што гори ниска вегетација и шума.
Вчера од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека поради силен ветер влошена е состојбата со пожарот во „Јасен“. Оттаму додадоа дека надлежни екипи се на терен и се борат да го контролираат огнот кој брзо се шири.
Надежите се дека дождот што од утрово врне во повеќе делови од државата ќе придонесе во гаснењето на пожарите на отворено.