„Беа разменети мислења за европската перспектива и динамиката на пристапниот процес на државата и регионот (на Западен Балкан), при што беше нагласено значењето од обезбедување доследна и кредибилна поддршка за политиката на проширување во услови на актуелните геополитички предизвици“, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Соработката и реформите во областа на земјоделството и руралниот развој, спроведувањето на програмата ИПАРД-3 , како и зајакнувањето на институционалните и административните капацитети на државата биле во фокусот на средбите на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер, и со пратеници во Европскиот парламент.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбите станало збор за клучните надворешнополитички приоритети, реформските процеси и актуелните регионални прашања.
„Беа разменети мислења за европската перспектива и динамиката на пристапниот процес на државата и регионот (на Западен Балкан), при што беше нагласено значењето од обезбедување доследна и кредибилна поддршка за политиката на проширување во услови на актуелните геополитички предизвици“,
се наведува во соопштението.
Посебен акцент, како што се додава, бил ставен на перспективите за проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, поддршката од Европскиот парламент за забрзување на пристапниот процес, како и на неговата улога во целокупниот процес на европска интеграција.
Министерот Муцунски остварил средби и со пратеници во Европскиот парламент – Карло Реслер, Дан Барна, Тијс Ројтен, Матеј Тонин и Ирена Јовева.
„На средбата со европратеничката Јовева, стана збор за евроинтеграцискиот процес на државата, при што министерот изрази искрена благодарност за принципиелната поддршка на овој пат“,
додаваат од ресорното Министерство.
